Услови за поднесување на предлог за противизвршување | Правдико

Правдико

   

Услови за поднесување на предлог за противизвршување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Decorative Scales of Justice in the CourtroomКога извршувањето е веќе спроведено, должникот може да поднесе до судот, односно органот кој ја донел извршната исправа, предлог за противизвршување, барајќи доверителот да му го врати она што го добил со извршувањето, ако извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила.

Институтот противизвршување е воведен од аспект на економичност и да нема потреба да се поведува спор за враќање на првобитната состојба. Предлогот за противизвршување се поднесува до судот односно до органот кој ја донел извршната исправа и може да се поднесе во рок од еден месец од денот кога должникот дознал за причината за противизвршување, a најдоцна во рок од една година од денот на завршувањето на извршувањето.

Содржината на предлогот за противизвршување се состои во барање да се задолжи доверителот да го врати она што го стекнал од извршувањето, и притоа се поднесуваат сите докази со кои ќе се поткрепи барањето за извршување на пример одлука со која извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, како и исправата издадена од извршителот за се што е одземено од должникот со извршувањето.

После поднесувањето предлогот за противизвршување судот, односно органот кој ја донел извршната исправа, ќе го достави до доверителот и ќе го повика да поднесе одговор во рок од осум дена од денот на доставувањето. Доколку  во тој рок доверителот во одговорот го оспори предогот, судот односно органот, со решение ќе одлучи по предлогот.

Судот, по исклучок, ценејќи ги фактите на предметот, заради донесување на решението може да закаже и рочиште. Во случај доверителот не поднесе одговор на предлогот, ненавремено поднесе одговор, или пак изјави дека не се противи на предлогот, судот, односно органот, со решение го усвојува предлогот и му наложува на доверителот во рок од 15 дена да му го врати на должникот она што го добил со извршувањето. После правосилноста на решението донесено по предлогот за противизвршување, по барање на должникот, извршителот ќе спроведе извршување според одредбите на од Законот за извршување.

Предлогот за противизвршување нема да се усвои ако се бара враќање на предмет во поглед на кој настапиле такви фактички или правни промени што веќе враќањето не е можно. Како фактички промени на предметот се мисли на промени со кои се измениле суштествените својства на предметот, така што како да не се работи повеќе за тој предмет. Додека кај правните промени се мисли на тоа да го спречуваат усвојувањето на предлогот за противизвршување во смисла на тоа доверителот да нема можност да располога со тој предмет на пример веќе полноважно го отуѓил и правото на располагање и користење на тој предмет припаѓа на друго лице.

–ПРАВДИКО–

– Приговор во случај на неправилности при извршување

– Кои предмети не можат да ви бидат одземени од извршител

– Нотарска постапка во случај на неплатени сметки

– Парични примања кои не подлежат на извршување

Препорачуваме

Партнери на Правдико