Услови за регистрање фондација | Правдико

Правдико

   

Услови за регистрирање фондација

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

loan_application_documentsФондацијата е правно лице формирана за остварување на цел со стекнување и управување на имот и средства во согласност со  закон. Фондацијата се основа со имотна маса која изнесува најмалку 10.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија, изразена во пари, хартии од вредност или друг имот на денот на поднесувањето на актот за запишување во Регистарот. Ако регистрацијата на фондацијата е утврдена со тестамент, а таа не е регистрирана во рок од 60 дена, имотната маса се распределува согласно со закон.

Како основачи на фондацијата можат да се јават физички и правни лица(еден или повеќе основачи) . Фондацијата се основа со акт за основање или како последна волја изјавена со тестамент или легат.

Фондацијата има статут. Со статутот се уредуваат важни прашања за фондацијата како што е : името и седиштето на фондацијата,  целите на фондацијата,  дејноста со која се остваруваат целите на фондацијата,  внатрешната организација, видот и составот на органите, надлежностите, начинот на избор и разрешување на членовите на органите и слично. Статутот е составен и одобрен во согласност со основачите, ако со актот за основање поинаку не е определено.

Органи на фондацијата

Фондацијата има одбор и директор. Со статутот на фондацијата можат да се предвидат и други органи. Одборот е највисок орган на управување на фондацијата. Основачот при основањето на фондацијата го именува одборот на фондацијата, освен ако со актот за основање или статутот поинаку не е определено.

Со фондацијата раководи директор.  Фондацијата може да има еден или повеќе директори овластени за застапување на фондацијата, избрани на начин утврден со статутот.

Регистрација

Запишувањето во Регистарот се врши со пријава за запишување која се поднесува во рок од 30 дена од денот на донесувањето на актот за основање.

Пријавата за запишување ја поднесува застапникот. За запишувањето фондациите поднесуваат:

– акт за основање,
– статут,
– програма за дејствување,
– одлука за избор на органите и податоци за членовите на органите,
– одлука за избор на застапник по закон со неговите податоци,
– записник од основачкото собрание или извештај за основањето, и
– изјава заверена кај нотар потпишана од застапникот со која се потврдува дека вршењето на дејноста е во согласност со закон и дека се исполнети условите за упис

Регистарот е должен во рок од пет дена од денот на поднесувањето на пријавата за запишување да донесе решение за запишување во соодветниот регистар . Решението за запишување во соодветниот регистар  се доставува до подносителот на пријавата во рок од три дена од денот на донесувањето на решението. Со решението за запишување во Регистарот се доставува фотокопија од статутот заверен со печат на Регистарот.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико