Услови за склучување и полноважност на бракот и постапка за давање дозвола за склучување на брак | Правдико

Правдико

   

Услови за склучување и полноважност на бракот и постапка за давање дозвола за склучување на брак

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

marriage_2074156bБракот претставува со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат не само интересите на брачните другари, туку и интересите на семејството и на општеството. Односите помеѓу брачните другари се засноваат врз слободната одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање.

Согласно Законот за семејството, полноважен брак можат да склучат две лица од различен пол со слободно изјавена волја пред надлежен орган, на начин определен со овој закон.Но, за полноважност на бракот, покрај овие услови, неопходно е и непостоење на т.н. брачни пречки кои претставуваат причина за поништување на истиот.

Па така, брак не може да склучи:

– лице кое не наполнило 18 години од животот;

– лице кое е во брак, се додека порано склучениот брак не му престане;

лицe коe, поради манифесна форма на душевно заболување со присуство на психотички симптоми или резидуални знаци од болеста, не е во состојба да го сфати значењето на бракот и обврските што произлегуваат од него, а кое истовремено е и неспособно за расудување;

– лице кое заостанува во менталниот (психичкиот) развој, а припаѓа во групата на лица со тешка и најтешка ментална заостанатост, односно IQ под 360 Лицата кои се распоредени како лица со лесни или умерени пречки во психичкиот развој, како и лицата кои имаат тешки наследни заболувања во фамилијата, можат да склучат брак по претходно прибавено мислење за генетската конструкција издадено од Заводот за ментално здравје на деца и младинци Скопје или друга соодветна институција која се занимава со вршење на генетските истражувања;

– крвни роднини во права линија (дедо, баба, татко, мајка и внуци), родени браќа и сестри, брат и сестра по татко, односно брат и сестра по мајка, стрико и дете од брат, вујко и дете од сестра, тетка и дете од брат, тетка и дете од сестра, први братучеди, како и лица чие сродство од претходно наведеното е засновано со посвојување.

Притоа, вонбрачното сродство претставува пречка за склучување на брак исто како и брачното сродство;

– свекор и снаа, зет и тешта, очув и паштерка, маќеа и пoсинок, без оглед на тоа дали бракот поради чие склучување тие дошле во такво сродство престанал. И во оваа ситуација вонбрачното сродство претставува пречка за склучување на брак исто како и брачното сродство.

Бракот, исто така, не е полноважен идоколку согласноста за склучување на истиот е дадена под присила или во заблуда.

Меѓутоа, по однос на вака дефинираните брачни пречки постојат и исклучоци. Па така, надлежниот суд може, во вонпарнична постапка, да дозволи склучување на брак на лице кое наполнило 16 години од животот доколку утврди дека тоа достигнало телесна и душевна зрелост потребна за вршење на правата и должностите што настануваат во бракот, а по претходно прибавено мислење од здравствена установа и укажана стручна помош во центарот за социјална работа. Исто така, доколку постојат оправдани причини,  надлежниот суд може, во вонпарнична постапка, на свекорот и снаата, зетот и тештата, очувот и паштерката, односно маќеата и пoсинокот да им дозволи склучување на брак. b6fb4db66beee9a27b4cfeb6a9f7402a06f4a159_1215

Давање дозвола за склучување на брак на малолетно лице

Вонпарничната постапка за давање дозвола за склучување на брак на малолетно лице кое наполнило 16 години живот се поведува со поднесување на предлог до судот на чиешто подрачје лицето имало живеалиште, односно престојувалиште. Притоа, предлогот го поднесува малолетното лице кое сака да склучи брак.

Доколку и двете лица кои сакаат да склучат брак се малолетни, тогаш истите поднесуваат заеднички предлог до судот кој е месно надлежен за еден од нив. Предлогот мора да содржи лични податоци за малолетното лице, лични податоци за неговите родители, односно за старателот и лични податоци за лицето со кое малолетното лице сака да склучи брак, како и докази дека тоа лице достигнало телесна и душевна зрелост неопходна за вршење на правата и должностите што настануваат во бракот.

Во текот на постапката судот е должен да ги испита сите суштествени околности кои се неопходни за одлучување, а особено да утврди дали малолетното лице ја достигнало телесната и душевната зрелост за вршење на правата и должностите кои настануваат во бракот и дали слободно и смислено донело одлука да склучи брак. Судот, исто така, е должен да ги испита и личните својства, имотната состојба и другите суштествени околности кои се однесуваат на лицето со кое малолетникот сака да склучи брак.

За таа цел судот, по претходно прибавено мислење од соодветна здравствена установа и стручна помош од центарот за социјална работа, без присуство на другите учесници во постапката, ќе го сослуша малолетното лице, но и неговите родители, односно неговиот старател, како и лицето со кое малолетникот сака да склучи брак. По одржаното рочиште судот донесува решение со кое се дозволува склучување на брак или решение со кое се одбива барањето.

Во решението со кое на малолетното лице му се дозволува склучување на брак се наведува лицето со кое му се дозволува склучување на брак, како и тоа дека бракот може да се склучи по правосилноста на решението. Против решението со кое се дозволува склучување на брак жалба можат да изјават родителите, односно старателот на малолетното лице и центарот за социјална работа, додека, пак, против решението со кое се одбива барањето жалба може да изјави само малолетното лице.

Давање дозвола за склучување на брак меѓу лица кои се роднини

Во постапката за давање дозвола за склучување на брак меѓу лица кои се роднини (свекор и снаа, зет и тешта, очув и паштерка, маќеа и пoсинок) соодветно се применуваат одредбите кои важат за давањето дозвола за склучување на брак на малолетно лице.  Вонпарничната постапка се поведува со поднесување на заеднички предлог до судот кој е месно надлежен за еден од роднините.

Во текот на истата судот е должен да ги испита сите околности и да утврди дали постојат оправдани причини за давање дозвола за склучување на брак. По одржаното рочиште судот донесува решение со кое се дозволува склучување на брак или решение со кое се одбива барањето.Против решението жалба можат да изјават само подносителите на предлогот.

Автор: Н.С.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Земјите во кои истополовите бракови се легални

– Постапка за склучување на брак надвор од службените простории

– Брачни пречки

– Стекнување имот во брачна заедница

Препорачуваме

Партнери на Правдико