Услови за стекнување на лиценца за стечаен управник | Правдико

Правдико

   

Услови за стекнување на лиценца за стечаен управник

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

authenticating-documents-540x300Стечаен управник е лице кое е овластено во стечајната постапка да ја води реорганизацијата или ликвидацијата на должникот. Стечајниот управник го застапува и претставува должникот само за оние работи кои се однесуваат на стечајната постапка и стечајната маса.Ако должникот – правно лице продолжува да работи во текот на стечајната постапка, работењето го води стечајниот управник.

Стечајниот управник ги води само оние работи на должникот – поединец што се однесуваат на стечајната маса и го застапува како стечаен должник со овластувања на законски застапник.

За стечаен управник судот именува физичко лице кое:

  • се стекнало со лиценца за вршење на работите на стечаен управник,
  • е запишано во трговскиот регистар како трговец поединец, јавно трговско друштво, односно друштво со ограничена одговорност  кои имаат лиценца за стечаен управник и се регистрирани за вршење на дејност и
  • е член во Комората на стечајни управници.

Лиценца за вршење на работите на стечаен управник може да добие физичко лице ако ги исполнува следниве услови:

  • да е државјанин на Република Македонија;
  • да положил испит со кој стекнал уверение за овластен стечаен управник и
  • да достави писмена изјава пред Министерството за економија дека при вршењето на работите на стечаен управник ќе ги применува правилата во согласност со кодексот на етика и професионалните стандарди.

Лиценцата  ја издава министерот за економија во рок од осум дена од денот на доставувањето на барањето за издавање на лиценца и е со времетраење од три години.

По издавањето на лиценцата за вршење на работите на стечаен управник, стечајниот управник е должен во рок не подолг од осум дена да достави докази дека:

  • склучил договор за осигурување од одговорност за штета;
  • спровел постапка за регистрирање на трговец поединец и се пријавил како вработен во истото и
  • се зачленил во Комората на стечајни управници.

Лиценца на друштво за стечаен управник може да добие и друштво кое ги исполнува следниве услови:

  • да има вработено најмалку едно лице кое се стекнало со лиценца за вршење на работите на стечаен управник;
  • да има вработено најмалку еден дипломиран правник и еден дипломиран економист и
  • управителот на друштвото да достави писмена изјава дека лицата кои стекнале лиценца за вршење на работите на стечаен управник и другите вработени лица во своето работење ќе ги применуваат правилата содржани во Кодексот за етика на стечајните управници и професионалните стандарди до Министерството за економија.

Лиценцата на друштвото за стечаен управник е со времетраење од три години.

Лиценцата  министерот за економија ја издава во рок од осум дена од денот на доставувањето на барањето за издавање на лиценца. По издавањето на лиценцата на друштвото на стечаен управник, се запишува во трговскиот регистар. По извршениот упис во трговскиот регистар, друштвото е должно да го извести министерот за економија за извршениот упис и да приложи документација во врска со уписот, како и да достави договор за осигурување од одговорност за штета. По доставувањето на известувањето министерот за економија го запишува друштвото во Регистарот за стечајни управници.

Обновување на лиценцата за стечаен управник

Лиценцата за вршење на работите на стечаен управник се обновува секоја трета година, врз основа на барање поднесено од стечајниот управник до Министерството за економија, најдоцна во рок од 30 дена пред истекот на лиценцата.

Во случај кога стечајниот управник нема да поднесе барање за продолжување на лиценцата за вршење на работите на стечаен управник во овој рок, се смета дека истиот се откажал од лиценцата за вршење на работите стечаен управник и министерот за економија носи решение за престанок на важење на лиценцата за вршење на работите на стечаен управник и се брише од Регистарот за стечајни управници.

Министерот за економија ќе донесе решение за обновување на лиценцата во рок од осум дена, само доколку стечајниот управник заедно со барањето за обновување на лиценцата за вршење на работите на стечаен управник ја доставил и следнатв документација според која:

  • ги исполнува условите за добивање на лиценца наведени погоре;
  • последните три години бил именуван како стечаен управник;
  • последните три години совесно и уредно ги извршувал работите на стечаен управник, согласно со одредбите од Законот за стечај, Кодексот за етика на стечајните управници и професионалните стандарди и
  • секоја година присуствувал на 24 часа континуирана едукација од областа на стечајната постапка во организација на Комората на стечајни управници.

Во случај кога стечајниот управник не ги исполнува условите, министерот за економија ќе донесе решение со кое ќе го одбие барањето за обновување на лиценцата и ќе го избрише од Регистарот на стечајни управници.

Одземање на лиценца

Министерот за економија може да донесе решение со кое ќе му ја одземе лиценцата на стечајниот управник за вршењето на работите на стечаен управник во случај ако утврди дека престанал да ги исполнува условите за стечаен управник согласно Законот за стечај.

Стечајниот управник на кого му е одземена, односно не му е обновена лиценцата за вршење на работите на стечаен управник, не може повторно да полага испит, како и да се стекне со нова лиценца наредните пет години од денот на приемот на решението донесено од страна на министерот за економија со кое му е одземена, односно не му е обновена лиценцата за вршење на работите на стечаен управник.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико