Усно пријавување на стока без трошоци за царинска декларација
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Усна царинска декларација претставува пријавување на стоката кај царинскиот орган без поднесување на царинска декларација во форма на единствен царински документ (ЕЦД). Усна царинска декларација може да поднесе секое правно и физичко лице.
Како да ја искористам можноста за поднесување усна декларација?
Веднаш откако операторот, односно превозникот ќе ве извести дека е пристигната пратка на ваше име и дека треба да се спроведе царинска постапка, вие може да го известите дека сакате да поднесете усна царинска декларација.
Усна царинска декларација може да се поднесе за:
• стока која е испратена од страна на физички лица од странство до физички лица во Република Македонија, • чија што вредност по пратка и по декларант не надминува вредност од 800 евра во денарска противвредност и нето маса до 1.000 кг,
• пратката да не биде дел од редовна низа слични пратки,
• да не ја пренесува самостоен превозник како дел од поголем превоз на товар,
• кога се работи за стока од незначителна важност во случаите кога тоа е одобрено од царинскиот орган.
Како се пресметуваат царинските давачки?
Кога стоката за која е поднесена усна декларација подлежи на плаќање на увозни давачки, пресметката на давачките ја врши царинскиот службеник во скратена постапка. За стока од некомерцијална природа што ја внесуваат патници на граничен премин и што ја добиваат физички лица по пошта пресметката на увозните давачки се врши со примена на единствена царинска стапка во висина од 15% од царинската вредност.
Оваа царинска давачка не се применува за стока за која во царинската тарифа е пропишана царинска давачка „слободно“ и за стока која согласно со Царинскиот закон е ослободена од плаќање на увозни давачки. Оваа царинска давачка не се применува за тутун, преработки од тутун, алкохол, алкохолни пијалоци и гориво, за кои се применува царинска давачка пропишана во царинската тарифа.
Единствената царинска давачка во висина од 15% не се применува кога патникот или примачот на пратката побара стоката да се царини со царинска давачка пропишана со царинската тарифа. Пресметката на увозните давачки, царинскиот службеник ја врши врз основа на приложена фактура или сметка од страна на примачот на пратката. Царинскиот орган на подносителот / декларантот му издава потврда за плаќање на давачки.
Кои се обврските на царинскиот службеник?
Пред да се пристапи кон царинење царинскиот службеник утврдува дали декларираната стока може да се оцарини со усна царинска декларација. Доколку царинскиот службеник утврди дека за декларираната стока не може да се поднесе усна декларација, должен е да ве упати да поднесете царинска декларација во редовна постапка со употреба на царинска декларација на образец ЕЦД.
Како се пресметуваат царинските давачки за мали пратки кои се нарачани преку интернет?
Усна декларација може да се поднесе и за мали пратки кои се нарачани преку интернет, а физички и правни лица ги добиваат по пошта или ги превезуваат специјализирани превозници на мали пратки и превозници на т.н. „брзи пошти“. Пресметката на увозните давачки се врши со примена на стапка која е пропишана со царинската тарифа, а Царинскиот орган на подносителот / декларантот му издава потврда за плаќање на давачки. Кога пресметката на увозните давачки се врши на овој начин, подносителот на усна декларација не треба да ангажира царински застапник.
Текстот превземен од Прирачникот Брзи пратки – Усно пријавување на стока без трошоци за царинска декларација
Извор: Царинска управа на РМ