Уставна криза во САД | Правдико

Правдико

   

Уставна криза во САД

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Американскиот претседател Доналд Трамп почна конфронтација со судовите нецели две недели од почетокот на мандатот, засенувајќи ги претходните правни битки, а администрацијата се обидува да ја зголеми моќта на извршната власт. И додека луѓето од земјите, кои беа цел на уредбата на Трамп, се мачат да пристигнат во САД додека сѐ уште можат, претседателот два дена по ред изразува гнев кон судијата што ја забрани извршната уредба. Трамп сега го обвинува судијата од Сиетл дека ја загрозува националната безбедност. Иако ја доби поддршката на потпретседателот Мајк Пенс, адвокатите и законодавците од двете партии сметаат дека коментарите на Трамп покажуваат недостиг од почит кон уставниот систем за контрола на власта, оценуваат американските медиуми.

Трамп, како што пишува „Њујорк тајмс“, побрза на Твитер да ги обвини судијата Џејмс Робарт и судството за идните терористички напади.
– Едноставно не можам да поверувам дека судија би ја ставил нашата земја во таква опасност. Ако нешто се случи, обвинете ги него и судскиот систем – напиша американскиот претседател на Твитер.

Весникот наведува дека и пред пораката на Твитер, републиканците им се приклучија на демократите во критиките до Трамп.
Сенаторот Мич Меконел, лидерот на републиканците во Сенатот, порача дека „најдобро е да не сѐ посочуваат судии“.
– Сите ние се разочаруваме одвреме-навреме. Сметам дека најдобро е да се избегне критикувањето на судиите поединечно – истакна Меконел.
Белата куќа, според „Њујорк тајмс“, не понуди докази за сугестиите на Трамп за наплив на потенцијалните терористи преку границите поради одлуката на судијата. Податоците покажуваат дека по 11 септември 2001 година, ниту еден Американец не бил убиен во терористички напад на американска почва од некој што емигрирал од седумте земји посочени во наредбата на Трамп.

Жестоката дебата околу имиграциската наредба ги обелодени проблемите, кои се во сржта на претседателството на Трамп. Како бизнисмен без искуство на јавна функција, тој уште на самиот почеток покажа дека е ориентиран кон акција, без многу голема почит за другите две гранки од Владата. Додека Конгресот, контролиран од републиканците, може да покаже воздржаност, судството може да се појави како главна пречка за Трамп. „Њујорк тајмс“ наведува дека и други претседатели претходно влегле во конфликт со судството. Врховниот суд укина делови од Новиот договор на Френклин Рузвелт, го принуди Ричард Никсон да ги предаде снимките од аферата „Вотергејт“ и го одби обидот на Бил Клинтон да го одложи судскиот процес за сексуално вознемирување. Судот исто така пресуди дека Џорџ Буш ги пречекори овластувањата при испрашувањето на осомничените за тероризам, како и тоа дека Барак Обама се стекнал со овластување што го немал за да им дозволи на милиони нелегални имигранти да останат во земјата.

Интересно е што Обама доста често ги коментираше судските одлуки, па дури и упатуваше коментари и критики додека некои судски процеси сѐ уште беа во тек.
– Серијата напади на Трамп против судиите и судството нѐ воведува во сосема нова територија. Несмасноста и агресивноста на директивите, комбинирани со нападите врз судиите, создаваат дополнителен притисок врз судиите да пресудат против него – оценува Џек Голдсмит, висок претставник на Министерството за правда во мандатот на Џорџ Буш.

Според „Њујорк тајмс“, извршната наредба на Трамп за имиграцијата предизвика уставна криза, која може да остави траен белег врз правото и која најверојатно ќе заврши со голема одлука на Врховниот суд. Покрај правните битки, во наредниот период се очекува и дебата за тоа колкав независен уставен авторитет има претседателот во однос на имиграцијата и колкава моќ има добиено од Конгресот.

Извор: Нова Македонија

Препорачуваме

Партнери на Правдико