Уставните измени на собраниска седница | Правдико

Правдико

   

Уставните измени на собраниска седница

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во Собранието за денеска во 11 часот е закажана седница на која треба да почне дебатата за уставните измени што ги предложи Владата.

Во петокот, со 10 гласа „за“ и 7 „против“, Комисијата за уставни прашања го усвои предлогот на Владата за пристапување кон менување на Уставот.

Од ВМРО-ДПМНЕ повеќепати повторија дека нема да гласаат за измени на Уставот. Според нив, со предлогот за пристапување кон измена на Уставот не се почитува волјата на над еден милион и двесте илјади граѓани кои не го прифатиле договорот од Преспа како основа за менување на Уставот. „Волјата на граѓаните изразена на референдум согласно со Уставот е задолжителна за власта. Тоа е суштината на демократијата”, порачаа од опозицијата.

Од СДСМ, пак, ги повикаа сите пратеници да ги поддржат амандманите затоа што, според партијата, со нив ќе се обезбеди евро-атланската иднина на нашата држава.

За да биде усвоена потребата од пристапување кон уставни измени, треба да биде изгласана од две третини од вкупниот број пратеници во Парламентот.

Со измените се предлага во целиот текст на Уставот пред Република Македонија да се додаде придавката северна; измени во преамбулата на Уставот со именување конкретни документи на АСНОМ заради усогласување со договорот со Грција и поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии и грижа за Македонците и дијаспората во странство, што ќе значи дека Републиката ќе се грижи за културните, економските и социјалните права на нејзините припадници во странство без да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико