Правдико

   

Уставните судии во обид да ги спасат обвинетите од СЈО за постапката за тендери

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Уставните судии Јован Јосифовски, Никола Ивановски, Осман Кадриу и Елена Гошева утрово беа најгласни на седницата на Уставниот суд за време на првата точка од дневниот ред за иницијативата за испитување на уставноста за членот од Кривичниот законик за злоупотреба на службената положба и овластувањето кога се во прашање постапките за тендери.

Уставната судијка Елена Гошева како судија известител утрово ја објасни иницијативата поднесена пред една година од адвокатот Еленко Миланов.

Станува збор за членот 353, став 5 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластувањето, при што има направена штета на буџетот, а опфаќа најголем дел од обвинетите од СЈО.

Предметот на оспорување е по неколку основи. Меѓу другото, спорно е тоа дали службеното лице може да биде одговорно за јавна набавка кога за тоа одлучува комисија.

„Ова може да биде и претпоставена одговорност“, рече Гошева појаснувајќи ја иницијативата на адвокатот.

„Службеното лице, кое активно не учествува во јавната набавка, се претпоставува дека може да провери незаконитост и со тоа да ја преземе одговорноста“, рече Гошева и појасни дека според иницијативата со член 353, став 5 се остава произволно толкување за постоење на штетата со ваквиот квалификаторен елемент.

„Санкцијата за ова дело се изедначува со убиство“, образложуваше Гошева при реферирањето на предметот и рече дека се бара и привремена мерка.

Судијата Дарко Костадиновски побара одлагање на точката и да се повика стручната јавност или јавна расправа. Рече дека ова прашање создава тензии во општеството и дека со оваа точка се опфатени десетици лица.

Судијата Осман Кадриу рече дека со овој член се настојува конкретни лица по секоја цена да бидат осудени и побара одлагање на точката за овој предмет.

Најгласен во одбрана на иницијативата беше судијата Јован Јосифовски, избран во време на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека членот е нејасен, непрецизен и произволен и како таков е неуставен.

„Не ми треба колегиум, ни јавни расправи. За мене, тоа е катастрофа. Нема да присуствувам на колегиум. Ако е судија Сваровски, ќе му одреди казна од 5 до 20 години. Не може убиство да се израмни со јавни набавки“, рече Јосифовски.

За ова поддршка доби од Никола Ивановски, кој рече дека делот од одредбата каде што пишува „злоупотреба на други средства од државата“ е неуставен.

Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, кому денеска му беше првата седница како прв човек на судот, рече дека нормата според него е јасна и не гледа непрецизност.

„Ова не е тазе норма. Се работи за злоупотреба на големи буџетски средства. Ние не ја креираме казнената политика. Замислете да нема вакви одредби. Во секоја држава злоупотреба на буџетот е најголемо кривично дело. Ако ја олабавиме оваа одредба, ќе се префрлаат одговорности. Оваа норма е во правен промет 10-15 години и треба да остане. Зошто некој да се плаши ако не е виновен? Ајде тогаш и за убиство и за педофилија да кажеме дека се драконски казните“, рече Мурати.

Судијката Вангелина Маркудова реле дека за ова дело, каде што се јавните набавки, штетата е огромна.

„Со Законот за јавните набавки е опфатена и Комисијата. За мене е јасно“, рече Маркудова.

Во постарите верзии на Кривичниот законик била пропишана поблага казна за ова кривично дело, околност, која, според тврдењата на адвоктите, им оди во корист на обвинетите.

Во септември лани еден од адвокатите на експремиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески и на други обвинети во предметите на СЈО, Еленко Миланов, ја поднесе иницијативата за оценка на уставноста на овој член од Законот за изменувањето и дополнувањето на Кривичниот законик од 2004 и 2009 година.

Во 2004 година во Кривичниот законик бил додаден нов член 5, со кој се предвидува кривична одговорност со казна од 4 години за злоупотреби со јавните набавки. Со измените во 2009 година овој член бил промнет во однос на висината на казната и се пропишани најмалку 5 години затворска казна.

Во Законот од 2004 година пишува. „Во членот, 353 став 4 се додава нов став 5, кој гласи: Aко делото од став 1 е сторено при вршење јавни набавки или на средства од буџетот на Република Македонија, од јавни фондови или од други средства од државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години“. Пет години подоцна членот е изменет и е зголемена казната затвор за 1 година.

Овој член се однесува на најголем дел од предметите на СЈО: „Титаник“, „Титаник 2“, „Таргет-Тврдина“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Трезор“… По овој член по неколкупати обвинети се Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, а меѓу нив се и: Сашо Мијалков, Toни Јакимовски, Горан Грујевски и Небојша Стајковиќ, Владимир Талески и сите други обвинети во „Транспортер”.

Со овој член кривично се гонат и сите обвинети во предметот „Топлик“, Елизабета Канческа-Милевска и другите обвинети во „Тендери“, ексдиректорот на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, и другите обвинети во „Тарифа“, експомошник-министерот Ѓоко Попоски во „Триста“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексминистерот Миле Јанакиески во „Траекторија“.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, ексчленот на ДИК, Бедредин Ибраими, и сите други обвинети, освен Сашо Мијалков, беа осудени на затворски казни за штета на буџетот во предметот „Титаник 2“. И Ѓоко Попоски и Гордана Јанкулоска беа осудени токму со овој член за случајот „Тенк“ со набавката на „мерцедесот“.

Владата претходно му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата со цел да се оневозможи избегнување одговорност за сторени кривични дела од високи функционери за кои постапка води специјалното јавно обвинителство.

За иницијативата на Миланов, судиите ја одложија точката.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико