Утврдени бројни пропусти, дисциплински постапки за 11 лица во затворот во Шутка | Правдико

Правдико

   

Утврдени бројни пропусти, дисциплински постапки за 11 лица во затворот во Шутка

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Најмалку 11 лица вработени во Истражниот затвор ,,Скопје” ќе одговараат за направени пропусти, кои довеле до двата одвоени инциденти со поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, на кои судот им одреди притвор.

Како што дознаваме од затворски извори, одговорност ќе се бара од вработени во чуварската служба, но и од раководни структури во затворот кои направиле низа пропусти во работењето.

Детален извештај е изготвен од страна на Истражниот затвор ,,Скопје” и е испратен до Управата за извршување санкции во Министерството за правда. Од таму денеска се очекуваат не само препораки, туку е можно и да се прошири листата на одгoворни лица, против кои ќе бидат покренати дициплински постапки.

Според она што е наведено во извештајот, првично биле детектирани пропусти во протоколите за постапување, како и непостапувањето по протоколот за изведување на притворените лица надвор од собите. Во извештајот се наведува и дека до нарушена безбедност довело тоа што не бил извршен рачен претрес на просториите, што им овозможило на притворениците во ќелиите да чуваат ,,арсенал” предмети кои не се дозволени, како телефонски апарати, но и други предмети со кои можат да се нанесат физички повреди.

По инцидентите во затворот во Шутка, кога беа нападнати поранешните министри Јанакиески и Ристовски, оставка поднесе директорот на Истражниот затвор, Ѓоко Котески.

Инцидентите се случија пред една недела за време на прошетката во затворот која трае два часа во денот. Јанакиески и Ристовски во различни инциденти прво почнале вербална расправија со осуденици за „Диво насеље“, која потоа преминала во физичка пресметка.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико