Утврдување на алкохол во крвта при сообраќајна контрола
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Според Законот за безбедност на патиштата возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на алкохол. Ќе се смета дека е под дејство на алкохол лицето за кое со анализа а крвта или на крвта и урината или со друг метод за мерење на количеството на алкохол во организмот, ќе се утврди дека содржината на алкохолот во крвта изнесува повеќе од 0,50 г/кг или ако присуството на алкохол во организмот е утврдено со соодветни средства или со апарати за мерење на алкохолизираноста (алкометар и друго), што одговара на количества поголеми од 0,50 г/кг или кај кое без оглед на содржината на алкохол во крвта, со стручен преглед, ќе се утврди дека покажува знаци на алкохолна растроеност.
Исто така строго е забрането управување со возило во сообраќајот под дејство на опојни дроги или психотропни супстанци. Ќе се смета дека лицето е под дејство на опојни дроги или психотропни супстанци, доколку со анализа на крвта или на крвта и урината или со друг метод за мерење ќе се утврди присуството на овие средства во неговиот организам
Сообраќајна контрола
При сообраќајна контрола униформираниот полициски службеник може да го подложи возачот на испитување со помош на соодветни средства и апарати (алкомер и друго), или да го одведе на стручен преглед заради проверување дали има алкохол во организмот или дали покажува знаци на алкохолна растроеност, односно дали се наоѓа под дејство на опојни дроги, психотропни супстанции или на други лекови на кои е означено дека не смеат да се употребуваат пред и за време на возењето. Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач, во случаите кога при утврдување на присуство на алкохол во организмот одбие да биде алкотестиран со соодветно средство или апарат за мерење на алкохолизираноста (алкомер). Покрај утврдениот износ на глобата, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 12 месеца.
Анализа на крвта или на урината се врши кај возач кој негира дека е под дејство на алкохол, чие присуство во организмот е утврдено со соодветни средства или апарати, како и дека се наоѓа под дејство на опојни дроги, психотропни супстанции или на лекови на кои е означено дека не смеат да се употребуваат пред и за време на возењето ако поради тоа не би настапиле штетни последици за неговото здравје.
Испитување
Ако со испитувањeто е утврдено дека возачот е под дејство на алкохол, опојни дроги, психотропни супстанции или на лекови на кои е означено дека не смеат да се употребуваат пред и за време на возењето, трошоците на испитувањето ги поднесува возачот. Анализа на крв или анализа на крв и урина врши здравствена установа или Министерството за внатрешни работи, ако располага со потребната материјална опрема и кадар за вршење на такви анализи и ако има овластување од Министерството за здравство.
Здравствената установа при преглед е должна да зема крв или крв и урина на пропишан начин заради анализа и да врши здравствен преглед заради утврдување на влијанието на алкохол, опојни дроги, психотропни супстанции или лекови врз способноста на возачот за управување со возилото. Доколку возачот одбие да даде крв или крв и урина за анализа, односно да се подложи на здравствен преглед, стручното лице тоа посебно ќе го констатира во записник и ќе даде свое мислење врз основа на надворешните манифестации и симптоми на возачот.
Привремено одземање возачка на лице место
Униформираниот полициски службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот кого ќе го затече да управува со возило или што се обидува да управува со возило, ако е очигледно дека возачот е во таква психофизичка состојба (замор, болест, дејство на опојни дроги или лекови на кои е означено дека не смее да се употребуваат пред и за време на возењето), што не е способен безбедно да управува со возилото. Исто може да постапи кога ќе утврди дека во организмот на возачот има алкохол или дека покажува знаци на алкохолно растројство.
–ПРАВДИКО–