Утврдување работно време кај угостителските објекти | Правдико

Правдико

   

Утврдување работно време кај угостителските објекти

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

n22Угостителот самостојно го определува работното време на угостителскиот објект  според своите деловни интереси, карактеристиките на подрачјето во кое се врши угостителска дејност и потребите на корисниците на услугите.  Работното време угостителот е должен да го истакне на видно место, односно на влезот на објектот.  После определувањето на работното време угостителот е должен да се придржува кон истото, во спротивно се предвидени високи казни и привремено затворање на објектот.

Утврдување на работното време според типот на угостителскиот објект

Угостителот може да организира вршење на угостителска дејност во работно време, и тоа:

1) угостителските објекти за сместување (хотели, мотели, пансиони, туристички населби, ноќевалишта и одморалишта) можат да работат од 00,00 до 24,00 часот, а угостителските објекти за исхрана кои се во состав на објектите за сместување по 24,00 часот можат да даваат само угостителски услуги за брза храна;

2) угостителските објекти за исхрана од членот 19 став 1 точка 1 на овој закон, кои претставуваат една градежна целина лоцирани на граничните премини, аеродроми, железнички станици и бензински пумпи можат да работат од 00,00 до 24,00 часот;

3) угостителските објекти за исхрана без оглед на видот на угостителските услуги може да работат од 07,00 до 24,00 часот, а на 31 декември до 07,00 часот наредниот ден;

4) угостителските објекти за исхрана без оглед на видот на угостителските услуги во деновите петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 07,00 до 01,00 часот наредниот ден, а на 31 декември до 07,00 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 03,00 часот наредниот ден;

5) угостителските објекти – ноќен бар и кабаре можат да работат од 20,00 до 04,00 часот наредниот ден, во деновите петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 20,00 часот до 05,00 часот наредниот ден, а на 31 декември до 20 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 06,00 часот наредниот ден и

6) угостителски објект – дискоклуб и дискоклуб на отворен простор може да работи од 19,00 до 04,00 часот наредниот ден, во деновите петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 19,00 часот до 05,00 часот наредниот ден, а на 31 декември до 19 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 06,00 часот наредниот ден.

По исклучок, угостителските објекти за брза храна (сендвичари) можат да работат до 01,00 часот во зимскиот период, односно до 02,00 часот во летниот период, а во деновите петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови до 05,00 часот.

Советот на општината, односно Советот на градот Скопје, за одредени туристички, културни и друг вид манифестации, содржани во годишните програми, можат да го продолжат работното време најмногу за два часа, за угостителските објекти, но во времетраење најмногу до три дена.

Пријавување

Угостителот е должен часот на започнувањето на работното време и распоредот на работното време да го пријави на градоначалникот на општината, а во градот Скопје на градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје, како и на Државниот инспекторат за труд во рок од осум дена пред денот на почетокот на вршењето на угостителската дејност и пред измената на часот и распоредот на работното време на угостителскиот објект.

Градоначалникот на општината, а во градот Скопје, градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје водат евиденција за работното време на угостителските објекти што работат на подрачјето на нивната надлежност. Во случај на објективни причини што бараат затворање на угостителскиот објект или измени на работното време на кои угостителот не може да влијае, угостителот може да го затвори угостителскиот објект, односно да го измени распоредот на работното време. За тоа е должен да го извести градоначалникот на општината, а во градот Скопје градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје, како и Државниот инспекторат за труд во рок од пет дена од денот на настанувањето на причината.

Угостителот ја поднесува пријавата до општината на посебен образец за утврдување на часот на започнувањето на работното време и распоредот на работното време.

Санкции за непочитување на работното време

Ако државниот пазарен инспектор, односно овластениот инспектор при вршењето на инспекцискиот надзор утврди дека угостителот не се придржува кон работното време може да изреше забрана за вршење на дејност и тоа:

– ако угостителот  го пречекорува работното време до половина час ќе се донесе решение за привремена забрана за вршење на дејност во траење од десет дена.

– ако пречекорувањето   е од половина час до еден час ќе се донесе решение за привремена забрана за вршење на дејност во траење од 20 дена, и

– ако пречекорувањето на работното време е над еден час ќе се донесе решение за привремена забрана за вршење на дејност во траење од 30 дена.

Исто така покрај привремената забрана за вршење на дејност предвидена е глоба во износ од  4.000 евра во денарска противвредност доклку правното лице не се придржува кон пропишаното работно време истакнато на објектот како и глоба во износ од 1.000 евра доколку работното време не е истакнато  на влезот на објектот и на видно место во објектот.

Статијата е објавена во првиот регионален Б2Б магазин за угостителство InBar

11039337_409030099299994_5483994812258283959_n

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико