Ванхауте: Изборите зависат од тоа дали ќе има договор | Правдико

Правдико

   

Ванхауте: Изборите зависат од тоа дали ќе има договор

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Ако на почетокот од ноември не се формира ДИК и не се реализира Законот за специјалниот обвинител, ќе се доведат во прашање валидноста на договорот и одржувањето на изборите, вели посредникот во преговорите.

EF3AFA687AE25C4A8255AE647F34713B

Ако на почетокот од ноември не се формира Државната изборна комисија и не се реализира Законот за специјалниот обвинител, ќе се доведат во прашање валидноста на договорот од Пржино и одржувањето на изборите. Ова денеска го истакна посредникот во преговорите меѓу четирите политички партии Питер Ванхауте по дебаклот на маратонската преговарачка рунда со еврокомесарот, Јоханес Хан.

Тој најави дека работните групи продолжуваат со работа, а најдоцна во петок се очекува изборниот законик да се спроведе во Собранието.

Ванхауте упати сериозни критики до политичките лидери поради неодговорноста и немањето волја да ги решат проблематичните прашања. Тој посочи дека Македонија се соочува со сериозен проблем кој е длабоко вкоренет во системот. Парламентот, рече тој, е нефункционален, како и многу други институции. Една од критичните точки е и ДИК и ако не дојде до договор по ова прашање, се загрозува и одржувањето на предвремените парламентарни избори во април следната година.

„Ние сме свесни за се што се случува тука, ние гледаме какви се состојбите. Но не можеме ние да ги решаваме вашите проблеми, вие сте суверена држава, морате сами. Мора да научите како да владеете со вашата земја. Ова е развоен процес кој мора да го поминете“, рече Ванхауте и додаде дека следниот период меѓународната заедница ќе се вклучи уште поактивно во процесите.

Одговарајќи на прашањето дали ќе следуваат санкции доколку политичарите не успеат да се договорат за излез од кризата, тој рече дека е доволно да се погледне примерот со Белорусија и каков тип односи има ЕУ со таа земја и нејзините лидери кога се загрозени слободата и правата на граѓаните.

Тој ниту потврдува, ниту одрекува дека одредени владини функционери би можеле да се најдат на црни листи во неколку земји-членки на Европската унија.

„Не можам да потврдам, но не можам ни да демантирам, но во минатото се покажа дека овие мерки можат да бидат ефективни. Она што можам да го кажам е дека постои група која се вика ’Friends of Macedonia’ и знаеме дека некои земји-членки веќе ја напуштиле оваа организација“, рече Ванхауте.

Тој препорачува Советот на јавни обвинители што поскоро да го прифати целосниот список на специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим да почне со работа.

Тој денеска порача и дека за слободата на изразување не се преговара, коментирајќи го предлогот за забрана за објавување на „бомбите“ за кој партиите не постигнаа согласност.

Освен за законот за објавување на „бомбите“, главните несогласувања меѓу партиите се околу надлежностите на новите министри и заменици-министри. Според брифинзите на дел од учесниците во преговорите, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека договорот предвидува министрите што би биле избрани по предлог на СДСМ само технички да ја извршуваат функцијата, односно да се занимаваат исклучиво со технички работи, поврзани со организирање на изборите. Во владејачката партија се противат на можноста овие министри да прават кадровски промени, на пример во МВР, со менување раководители и началници. Според СДСМ, пак, тие треба да имаат целосни министерски надлежности.

Во договорот во делот што се однесува на новиот министер за внатрешни работи прецизно стои дека тој ќе биде именуван по предлог на СДСМ и во договор со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дека тој ќе биде „технички министер“.

Во делот, пак, за замениците-министри се вели дека тие ќе имаат полно право на преглед и вето во нивните министерства во сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите. Дел од политичките посматрачи сметаат дека процесот запнал кога се дошло до деталите и дека самиот договор е премногу општ и остава широки можности за различни интерпретации, а тоа пак на партиите им дава маневарски простор за форсирање на своите интереси и блокирање одредени решенија.

Извор: Утрински Весник

Препорачуваме

Партнери на Правдико