Вашите права и обврски при организирано патување | Правдико

Правдико

   

Вашите права и обврски при организирано патување

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

traveller-clockСогласно Законот за облигационите односи со договорот за организирање на патување се обврзува организаторот на патувањето да му прибави на патникот збир на услуги кои се состојат од превоз, престој и други услуги што се врзани со нив, а патникот се обврзува на организаторот да му плати една вкупна (паушална) цена. Како предмет на договорот се јавува збирот на услуги кои треба да ги обезбеди организаторот на патувањето, што значи за да постои договорот потребно е тој да содржи барем две услуги како превоз или престој или само превоз или некои други услуги што се врзани за превоз или  престој.

При склучувањето на договорот Организаторот е должен да му издаде  на патникот потврда за патувањето, која треба да содржи: место и датум на издавањето; ознака и адреса на организаторот на патувањето; име на патникот; место и датум на почетокот и крајот на патувањето, датуми на престојот, нужни податоци за превозот, престојот, како и за другите услуги што се опфатени со вкупната цена; најмал број на потребните патници; вкупната цена за збирот на услугите предвидени со договорот; услови под кои патникот може да бара раскинување на договорот, како и другите податоци за кои се смета дека е корисно да бидат содржани во потврдата.

Обврски на организаторот на патувањето

Организаторот на патувањето е должен на патникот да му даде услуги што ги имаат содржината и својствата предвидени со договорот, со потврдата, односно со програмата за патување и да се грижи за правата и интересите на патникот, согласно со добрите деловни обичаи во оваа област. Исто така тој е должен на патникот да му ги даде потребните известувања за цените и условите на превозот, престојот и посебните услуги, како и известувања што се однесуваат на квалитетот на превозните средства и сместувањето, на возниот ред, врските, граничните и царинските формалности, на санитарните, монетарните и други административни прописи.

Организаторот на патувањето одговара за штетата што ќе му ја причини на патникот, поради целосно или делумно неизвршување на обврските кои се однесуваат на организирањето на патувањето. Доклку услугите од договорот за организирање на патувањето се извршени нецелосно или неквалитетно, патникот може да бара сразмерно намалување на цената под услов да ставил приговор до организаторот на патувањето во рок од осум дена  од  денот на завршувањето на патувањето. Барањето за намалување на цената не влијае врз правото на патникот да бара надомест на штетата.

Обврски на патникот

Патникот е должен на организаторот на патувањето да му ја плати договорената цена за патувањето во времето како што е договорено, односно вообичаено. Плаќањето може да се извршува однапред, на рати, на кредит и слично. Исто така тој  е должен по барање од организаторот навремено да ги достави сите податоци потребни за организирање на патувањето, а посебно за прибавување на превозни билети, резервација за сместување, како и исправи потребни за преминување преку границата.

Патникот е должен да се грижи тој лично, неговите лични исправи и неговиот багаж да ги исполнуваат условите предвидени со граничните, царинските, санитарните, монетарните и други административни прописи и е одговорен  за штетата што ќе му ја причини на организаторот на патувањето со неизвршување на обврските што произлегуваат за него од договорот.

Кога може организаторот да ја зголеми договорената цена?

travel_agentОрганизаторот на патувањето може да бара зголемување на договорената цена само ако по склучувањето на договорот дошло до промени во курсот на размената на валутата или до промена во тарифите на превозникот, што влијаат врз цената на патувањето.  Правото на зголемување на договорената цена организаторот на патувањето може да го остварува само под услов тоа да е предвидено во потврдата за патување. Доколку зголемувањето на договорената цена премине 10%, патникот може да го раскине договорот без обврска да ја надомести штетата. Во тој случај патникот има право на враќање на она што му го платил на организаторот на патувањето.

Кога патникот може да се откаже од договорот?

Патникот може во секој момент да се откаже од договорот, наполно или делумно.Ако патникот пред почетокот на патувањето се откаже од договорот во разумен рок кој се определува со оглед на видот на аранжманот (навремено откажување), организаторот на патувањето има право само на надомест на  административните трошоци.

Во случај на ненавремено откажување од договорот, организаторот на патувањето може да бара од патникот надомест во определен процент од договорената цена кој се утврдува сразмерно со времето преостанато до почетокот на патувањето и кој мора да биде економски оправдан. Организаторот на патувањето има право само на надомест на направените трошоци ако патникот се откажал од договорот поради околности кои не можел да ги избегне или отстрани и кои, да постоеле во време на склучувањето на договор, би претставувале оправдана причина да не го склучи договорот, како и во случај ако патникот обезбедил соодветна замена или замена нашол самиот организатор.

Кога организаторот може да го откаже договорот?

Организаторот на патувањето може да се откаже од договорот, наполно или делумно, без обврска за надомест на штетата, ако пред или за време на извршувањето на договорот настапат вонредни околности кои не можеле да се предвидат, ниту да се избегнат или отстранат, а кои, да постоеле во време на склучувањето на договорот, би претставувале оправдана причина за организаторот на патувањето да не го склучи договорот. Исто така организаторот на патувањето може да се откаже од договорот без обврска за надомест на штетата и кога минималниот број патници, предвиден во потврдата за патување, не се собрале, под услов за таа околност патникот да биде известен во примерен рок кој не може да биде пократок од пет дена пред  денот кога патувањето требало да започне.

Во случај на откажување од договорот пред неговото извршување, организаторот мора во целост да го врати она што го примил од патникот.

Кога организаторот може да прави измена на програмата за патување?

Измени во програмата за патување можат да се вршат само ако се предизвикани од вонредни околности што организаторот на патувањето не можел да ги предвиди, избегне или отстрани. Трошоците што настанале поради измена на програмата ги поднесува организаторот на патувањето, а намалувањето на трошоците оди во корист на патникот. Замена на договореното сместување може да се врши само со употреба на објект од иста категорија или на товар на организаторот со употреба на објект од повисока категорија и во договореното место на сместување. Ако во програмата за патување се извршени суштествени измени без оправдана причина, организаторот на патувањето мора во целост да го врати она што го примил од патникот кој поради тоа се откажал од патувањето.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Основни правила за безвизно патување

– Колку е моќен вашиот пасош?

– Постапка за издавање меѓународна возачка дозвола

Препорачуваме

Партнери на Правдико