Вашите права и обврски при сообраќајна контрола
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Заради безбедност и заштита на патиштата, почитување на правилата на сообраќајот на патиштата од страна на учесниците во сообраќајот, спречување на вршење на казниви дела против безбедноста на сообраќајот, како и откривање на нивните сторители и превземање на соодветни мерки, полициските службеници вршат регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата. Во вршењето на полициските работи полициските службеници на учесниците во сообраќајот им укажуваат и соодветна помош, заради поголема безбедност на сообраќајот на патиштата.
Контрола на сообраќајот се врши на патиштата, возилата, возачите и другите учесници во сообраќајот и тоа со набљудување на возилата во движење или со нивно запирање и задржување на погодни места на патот. Контролата најчесто се врши на делници и места на патот на кои зачестено се случуваат казниви дела со кои се загрозува неговата безбедност.
Сообраќајната контрола е составена од двајца полициски службеници. По исклучок , дење и во услови на редок сообраќај, контрола на сообраќајот може да врши и еден полициски службеник.
Контролите на сообраќајот на патиштата се вршат постојано или повремено. Постојаната контрола на сообраќајот претставува покриеност на патот со патроли кои вршат контрола непрекинато во текот на 24 часа, додека повремената контрола на сообраќајот се врши во определен ден во неделата или во определено време во текот на денот. Бројот на патролите, односно интензитетот на контролата во текот на денот или неделата, како и должината на патролните реони и патролните терени, се определува во зависност од густината на сообраќајот, бројот на сторени казниви дела против безбедноста на сообраќајот, како и од состојбата и карактеристиките на патот.
Во зависност од временските услови, должината на делницата, тактиката, методологијата на работа и други релевантни околности, командирот на полициската станица од општа надлежност на чие подрачје се врши контрола на сообраќајот, односно командирот на полициското одделение за безбедност на сообраќајот на патиштата во таа полициска станица или полицискиот службеник овластен од него, утврдува како ќе се врши контролата која може да се врши пешки, со велосипед, со службени возила, со мотоцикли или со хеликоптери.
Контрола на возила
Контрола на возила се врши заради утврдување дали возилото е регистрирано и дали ги исполнува потребните услови во поглед на опремата и товарот согласно прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата и прописите за возила. Контрола на возила се врши визуелно или со користење на контролно-мерни инструменти.
При вршење на контролата, возачот е должен да му покаже на полицискиот службеник важечка сообраќајна дозвола, односно важечка потврда за пробно возење. Исправите полицискиот службеник ги бара и кога е потребно да изврши увид врз бројот на шасијата на возилото. При увидот, полицискиот службеник ги споредува податоците на возилото со соодветните податоци во сообраќајната дозвола, односно потврдата за пробно возење.
Полициските службеници вршат контролни прегледи на уредите и опремата на возилото, заради утврдување на нивната техничката исправност, согласно прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата. Заради утврдување дали товарот во возилото е правилно распореден и сместен, дали одговара на пропишаната носивост и димензии, како и дали ги загрозува или попречува другите учесници во сообраќајот, полициските службеници вршат контрола и преземаат потребни мерки за отстранување на утврдените неправилности.
При вршење на контрола на возило, истото го задржуваат кратко време и на барање од возачот му се издава потврда за времето за кое возилото било задржано, доколку задржувањето траело подолго од 15 минути.
Исклучување на возилото од сообраќајот
Ако при вршење на контрола на возилото, полицискиот службеник утврди дека се исполнети условите за исклучување на возилото од сообраќај, исклучувањето ќе го изврши на следните начини со:
– издавање наредба на возачот за прекинување на понатамошното движење со возилото или отстранување на возилото од патот додека постојат причини поради кои возилото е исклучено од сообраќај, односно до определеното време;
– издавање наредба на возачот да го одвезе возилото со потребни мерки на претпазливост, а по потреба под надзор на полицискиот службеник, до најблиското место каде што ќе може да се отстранат неправилностите на истото или на товарот;
– привремено одземање на сообраќајната дозвола и
– заклучување на возилото.
Ако возилото што е исклучено од сообраќај, остане на пат без потребен надзор, а постои опасност на возилото или на товарот да му биде причинета штета, полицискиот службеник превзема мерки за негово отстранување од патот, со цел да се однесе на сигурно место на трошок на сопственикот, односно на носителот на правото на користење на возилото.