Кои се вашите права како потрошувач? | Правдико

Правдико

   

Кои се вашите права како потрошувач?

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

yourfileВо Законот за заштита на потрошувачите како потрошувач  се смета секое физичко лице кое купува производи или користи услуги за непосредна сопствена потрошувачка за цели кои се надвор од неговата трговска активност, бизнис или професија. Во Законот се утврдени правата на потрошувачот да биде информиран за условите на продажба на производите и давање на услуги како и обврските кои ги имаат трговсице при продажба на мало.

Обврска за информирање на потрошувачите

Трговецот е должен:

– пред склучувањето на договорот за продажба совесно и чесно на потрошувачот да му даде точни и корисни информации во врска со квалитетот, карактеристиките на производот или услугата и во врска со условите за продажба, како и сите други информации побарани од потрошувачот содржани во декларацијата на производот и

– да го извести потрошувачот за влијанието на одредени производи врз животната средина и здравјето на луѓето, согласно со прописите и стандардите, како и за мерките за заштита, преку упатство дадено со производот, истакнато на амбалажата на производот или на друг соодветен начин.

Трговецот кој не постапил според одредбите погоре на барање на потрошувачот е должен да му го врати уплатениот износ за купениот производ и да му ја надомести евентуално сторената штета. Во тој случај потрошувачот е должен да го врати купениот производ, а трговецот да го прими вратениот производ од потрошувачот.

Глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако на барање на потрошувачот не му го врати уплатениот износ за купениот производ и не му го прими вратениот производ од потрошувачот.

Глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако  потрошувачот не биде известен за влијанието на одредени производи врз животната средина и здравјето на луѓето согласно со прописите и стандардите, како и за мерките за заштита преку упатство дадено со производот истакнато на амбалажата на производот или на друг соодветен начин

Услови за продажба на производите и давање услуги

63FE03DED9167B4E96679D503D37F2D9Трговецот мора продажните услови јасно и на видно место да ги истакне во продажниот простор. Покрај тоа мора посебните продажни услови за одделни производи и услуги, јасно и на видно место да ги истакне на продажните места на тие производи и услуги.

Ако трговецот на одделни групи на потрошувачи им нуди производи под посебни продажни услови (младенци, инвалиди, пензионери, студенти и слично), тие услови треба да бидат јасно и на видно место истакнати во продажниот простор.

Се забранува условување на купување на едни производи со купување на други производи или друг начин на условување на купување и продажба на производи.

За извршените услуги за поправка и одржување на производите, чија вредност е поголема од 5.000 денари, трговецот мора да му достави на потрошувачот пресметка и работен налог со опис на работите, употребениот материјал или делови за поправка и одржување. Работниот налог го потпишува трговецот и потрошувачот, од кое еден примерок од работниот налог мора да му се даде на потрошувачот. Ако  во текот на поправката и одржувањето се наметне потребата за дополнителни работи и вградување на дополнителни делови за што треба да се прошири работниот налог, трговецот мора за тоа да добие претходно писмена согласност од потрошувачот, ако со проширувањето на работниот налог цената се зголемува за повеќе од 5%.

Глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако посебните продажни услови за одделни производи и услуги не ги истакне јасно и на видно место на продажните места, ако на одделни групи на потрошувачи им одобрува посебни продажни услови (младенци, инвалиди, пензионери, студенти и слично) и тие услови не бидат јасно и на видно место истакнати во продажниот простор , ако за извршените услуги за поправка и одржување на производите чијашто вредност е поголема од 5.000 денари, не му достави на потрошувачот пресметка и работен налог со опис на работите, употребениот материјал или делови за поправка и одржување и ако  без претходно добиена писмена согласност од потрошувачот го прошири работниот налог со зголемување на цената за повеќе од 5%.

Истакнување на цената на производите и давање на услуги

HK9G2124Трговецот мора на јасен, видлив, читлив и недвосмислен начин да ја истакне продажната цена на производите и услугите, односно на продажното место на кое се изложени производите, на производите во рефусна состојба, на услугите кои ги дава и на резервните делови кои ги продава. Продажна цена е крајната цена на единица на некој производ или услуга или пак на дадената количина на производот, вклучувајќи го тука и данокот на додадена вредност и сите други јавни давачки.

Цената на производот, односно услугата, мора да биде означена во денари, освен ако со друг закон поинаку не е уредена. Цена за единица мерка е цена за еден килограм, еден литар, еден метар, еден квадратен метар или еден кубен метар производ, или за некоја друга единица за количина која општо или вообичаено се користи при продажбата на производите. Кај производите во рефусна состојба се истакнува само цената за единица мерка на продажното место на производот.

Продажната цена мора да биде напишана на производот, односно амбалажата, на продажното место на производите, како и на производот во излогот. На производот, освен цената, не смее да се истакнува друга цена. Цената за единица мерка за претходно спакуваниот производ се истакнува на продажното место на производот.

Трговецот мора да се придржува на истакнатите продажни цени и условите за продажба.

Глоба во износ од 1.200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако продажната цена не е крајна цена на единица на некој производ или услуга или пак на дадената количина на производот, во која не е вклучен данокот на додадена вредност и сите други јавни давачки или пак  не се придржува на истакнатите продажни цени и условите за продажба

Производ со недостаток или грешка

Ако трговецот ги продава производите кои имаат недостаток или грешка, мора таквите производи физички да ги одвои од останатите производи и јасно видливо и читливо да ги обележи на производот и на продажното место да истакне натпис дека се работи за продажба на производи со недостаток или грешка.

Потрошувачот на кого му е продаден производ со недостаток има право по свој избор да бара:

бесплатно отстранување на недостатоците на производот или надомест на трошоците направени за отстранување на недостатокот;
сразмерно намалување на продажната цена;
замена на производот со соодветен производ со иста трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот;
замена на производот со соодветен производ со друга трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот со соодветно намалување или зголемување на производната цена и
раскинување на договорот, враќање на платениот износ и надомест за претрпената штета.

Потрошувачот нема право да го раскине договорот ако недостатокот на производот е минимален.

Во случај кога потрошувачот купил прехранбени производи со недостаток, трговецот е должен да изврши нивна замена за производи со соодветен квалитет или на потрошувачот да му го врати платениот износ, доколку недостатоците се утврдени во рокот до кога производот може да се употребува.

Потрошувачот  е должен да приложи фискална сметка за производот, односно јасно видлива и читливо напишана сметкопотврда, а за производите за кои постојат рокови за гаранција и гарантен лист или друг документ што го заменува. Трговецот или производителот е должен да го прими производот со недостаток од потрошувачот и да ги задоволи неговите барања, освен ако не докаже дека недостатоците на производот настанале поради повреда на правилата за употреба и чување од страна на потрошувачот, трети лица или виша сила.

Потрошувачот има право да присуствува при проверката на квалитетот на производот.

Недостатоците кои се откриени од страна на потрошувачот, трговецот мора да ги отстрани во рок од 30 дена од моментот на поднесувањето на барањето од страна на потрошувачот или по добивањето на решението од надлежниот инспекциски орган со кое е наредено трговецот да ги отстрани недостатоците во определен рок. За производите кои служат за потрајна употреба трговецот е должен, по приемот на барањето од потрошувачот, веднаш да му достави соодветен производ кој потрошувачот ќе го користи за време на поправката на производот.

Во случај на отстранување на недостаток на производот гарантниот рок се продолжува за време во кое производот не е користен. Ова време се пресметува од денот на барањето на потрошувачот за отстранување на недостатокот.

За неправилности можете да пријавите во Државниот пазарен инспекторат.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Фискализација – права на потрошувачите

– Општа безбедност на производите и одговорност

– Нотаријатот поблиску до граѓаните – прирачник за потрошувачи

– Начин на остварување на правата на потрошувачите кај производи со недостаток

– Закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити

– Права на потрошувачите кај производи со недостаток

– Водич за правата на потрошувачите

 

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико