ВАЖНО за сите адвокати: Доставување на програми согласно законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам | Правдико

Правдико

   

ВАЖНО за сите адвокати: Доставување на програми согласно законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

logo (1)Новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам објавен во Службен Весник на РМ број.130/2014, (истиот може да се превземе и од веб страната на Управата за финансиско разузнавање www.ufr.gov.mkво делот прописи) ги утврдува мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Согласно одредбите на овој Закон, или конкретно чл.34 од Законот, ВЕ ПОТСЕТУВАМЕ дека и адвокатите се обврзани да изготвуваат Програма за имплементација на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, и истата се должни да ја достават до Управата за финансиско разузнавање, при Министерството за финансии на Република Македонија.

Во прилог на ова потсетување објавуваме терк на Програмата, усогласена со новиот закон, која треба да ја пополните и да ја доставите до надлежната институција.

Полињата означени со жолта боја во Програмата треба да бидат пополнети од страна на адвокатите и тоа во делот во воведот, именување на овластено лице и на последната страна датум, потпис и печат (корекции со пенкало или молив не се прифаќаат).

Теркот може да се дополни и од страна на адвокатите доколку сметате дека одредена процедура треба да се дообјасни или образложи согласно Вашите искуства.

Потенцираме дека согласно член 122 став 1 од законот, адвокатите кои што до денот на влегување во сила на новиот Закон за СППФТ, имаат изготвено и доставено програми согласно ЗСППФТ (Сл. весник на РМ бр. 04/08, 57/10, 35/11, 44/12 и 43/14) и за истите имаат добиено позитивно мислење од Управата за финансиско разузнавање  не се должни да изготват нови Програми.

Истовремено напоменуваме дека со новиот Закон е укината обврската за ажурирање на Програмите еднаш годишно, односно Програмата ќе се ажурира само во случај на измени и дополнувања на законот и во случај на промена кај самиот адвокат (пример: промена на овластеното лице, промена на седиштето, контакт податоци и др.).

Имајќи во предвид дека досега многу мал број на адвокати постапиле во согласност со законските одредби, посочуваме на големите казни предвидени со Законот.

Член 113 став 1 алинеја 37 и 38 од Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам:

“Глоба во износ од 30.000 до 40.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако:

–  не изготват програми или програмите не се во согласност со член 34 став 1 од овој закон;

– не ги достават програмите и измените и дополнувањата на програмите на увид и мислење на Управата согласно член 34 став 2 од овој Закон.”

Уште еднаш апелираме во најкраток рок Програмите официјално со потпис и печат да се достават по пошта до Управата за финансиско разузнавање, на следната адреса:

Управа за финансиско разузнавање

ул. Ѓуро Стругар бр.5

(зграда на Технометал Вардар, 4-ти спрат)

1000 Скопје

Прилог : Програма за спречување на перење пари и финансирање на тероризам 2014

Извор: Адвокатска комора на РМ

Препорачуваме

Партнери на Правдико