Веб-страницата на Фондот за иновации цел на хакерски напад | Правдико

Правдико

   

Веб-страницата на Фондот за иновации цел на хакерски напад

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Веб-страницата на Фондот за иновации и технолошки развој fitr.mk била цел на хакерски напад доцна во неделата и вчера во претпладневните часови.

Од ФИТР велат дека нападот е согледан при интервенција од техничка екипа за санирање на последиците и враќање на функционалноста на веб-страницата и е веднаш пријавен до Одделот за компјутерски криминал при МВР. Во текот на денот се очекува и увид од страна на службени лица од оваа институција и натамошно постапување.

„Со хакерскиот напад оневозможени се повеќе функции достапни за граѓаните и компаниите, вклучително и аплицирање за тековни јавни повици. Нападот се случува на помаку од 24 часа пред затворање на рокот за доставување апликации во рамки на јавниот повик за Технолошки развој за брзо прилагодување од Ковид-19. Јавниот повик е една од мерките од третиот сет владина поддршка за заздравување на македонската економија. Во изминатите 30 дена, колку што траеше јавниот повик, над 2.100 микро, мали и средни компании подигнале апликациски пакети, што е рекордно висок одзив од сите досегашни јавни повици. Поради настанатите потешкотии во аплицирањето, како и исклучително високиот интерес кај домашните компании, Фондот донесе одлука да се пролонгира рокот за доставување на апликациите до 03.07 (петок), до 14.00ч.“, информираат од ФИТР.

Фондот остро го осудува обидот за нарушување на редовното функционирање на процесите, особено во услови кога на домашните микро, мали и средни компании им е потребна државна поддршка за надминување на последиците од здравствената криза.

Фондот останува посветен на својата мисија и поддршката за домашните компании, а транспарентноста, отчетноста и двонасочната комуникација и понаму ни се основен императив во функционирањето и дејствувањето.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико