Велешкото обвинителство сè уште утврдува одговорност за автобуската несреќа кај Катланово од 2017 година | Правдико

Правдико

   

Велешкото обвинителство сè уште утврдува одговорност за автобуската несреќа кај Катланово од 2017 година

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Велешкото јавно обвинителство сè уште утврдува каква одлука ќе донесе за автобуската несреќа што се случи во 2017 година кај Катланово, во која 27 патници кои се враќаа од одмор на Халкидики во Грција беа повредени, од кои една жена почина, а на деветгодишно девојче му беше ампутирана раката.

Од обвинителството за „Макфакс“ велат дека е направен увид, подигнати се траги и извршено е вештачење. Обвинителството прибавило лекарски извештаи за констатираната здравствена состојба кај секој од повредените патници со видот и карактерот на здобиените повреди.

Издадена е и наредба до Машинскиот факултет во Скопје за вештачење на автобусот при што е констатирано дека возилото ја напуштило асфалтираната патна подлога постепено, без да ја намали брзината.

„Од трагите на патот и во делот каде што возилото се движело делумно на патот, а делумно надвор од него, како и од записите на тахографот и врз основа на динамичка анализа на траекторијата на движење на возилото, се заклучи дека нема докази за дејство на командите на возилото како обид да се избегне настанот (кочење, нагло свртување и сл.)“, велат од обвинителството.

На возилото не се најдени технички неисправности кои може да бидат причина за настанување на незгодата. Сите оштетувања на возилото се последица од неговото напуштање на коловозот, контактите со металната ограда и натамошното неконтролирано движење надвор од патот. Надлежниот обвинител ги испитал сите оштетени и возачот на автобусот во својство на обвинет.

Од обвинитлеството информираат дека направени се сообраќајни вештачења од Бирото за судски вештачења Скопје и од Техничкиот факултет Битола.

„Причините за настанување на сообраќајната незгода ќе бидат предмет на натамошни проучувања од причина што усогласувањето на сообраќајните вештачења е примено во Основното јавно обвинителство Велес на ден 11.02.2019 година и предметот е во фаза на темелна јавнообвинителска обработка заради донесување на соодветна јавнообвинителска одлука“.

Во автобусот на „Бус травел“, кој се преврте при враќањето од Грција, се наоѓаа туристи на туристичката агенција „Савана“.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико