(Видео) Адвокатот побара да се запре истрагата против Мијалков и „алфитe“ за апсењето на Бошкоски | Правдико

Правдико

   

(Видео) Адвокатот побара да се запре истрагата против Мијалков и „алфитe“ за апсењето на Бошкоски

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Одбраната на обвинетите во случајот „Тортура“ за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на денешното прво рочиште побара запирање на истрагата и судскиот процес повикувајќи се на помилувањето од претседателот, Ѓорге Иванов.

Обвинителот од СЈО во воведните зборови изјави дека ќе докажат оти на 6 јуни 2011 година поради дискриминација по основ на поинаква политичка определба, Сашо Мијалков ги навел обвинетите „алфи“ при лишување од слобода на тогаш осомничениот Љубе Бошкоски да предизвикаат душевно страдање заради одмазда спрема него поради политичките пораки што му ги испратил на тогашниот директор на УБК во изборната кампања.

Во обвинителниот акт исто така е наведено дека без каков било отпор од страна на Бошкоски, употребена е прекумерна сила при апсењето. Обвинетите ги пренеле заканите од Мијалков кон Бошкоски, му упатиле погрдни зборови за апсењето, а еден од обвинетите „алфи“ му ставил пиштол на образот на Бошкоски и му се обратил со зборовите: „Бел ден да не видиш“.

Обвинителството како докази во овој судски процес ги предложи видеоснимките од неколку телевизии, како и видеоснимката од МВР и бомбите, односно незаконско прислушуваните разговори. Како доказ ќе биде доставен официјален документ од психијатар за душевно страдање на Љубе Бошкоски.

Адвокатот Љупчо Шврговски како бранител на неколку од обвинетите изјави дека доколку судот и Обвинителството решат да ја водат оваа постапка, ќе ги прекршат законот и Уставот на РМ и непосредно и неосновано ќе извршат оштетување на буџетот на РМ. Тој исто така кажа дека во обвинителниот акт никаде не е спомнато ниту едно конкретно дејство.

„Поттикнувањето не е дефинирана содржина. Во самиот акт погрешно е применет терминот наведување. Одбраната ќе докаже дека СЈО не навело конкретно дејство затоа што нема докази за тоа. Дејствата што се извршени во апсењето се пост фестум, но не како иницијален акт од Сашо Мијалков кон другите обвинети“, рече Шврговски.

Меѓу другото, одбраната кажа дека дејствата на обвинетите биле такви бидејќи Љубе Бошкоски дал отпор при апсењето. Судијката Александра Ристовска даде 30-минутна пауза по што ќе продолжи рочиштето.

Рочиштето за насилното приведување на Љубе Бошкоски беше одложувано неколкупати. Во случајот „Тортура“ обвинети се шест припадници на единицата „Алфа“ – Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Гоцевски, Метуш Шабани, поранешниот прв човек на единицата „Алфа“, Ивица Антевски – Пуки, и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико