(Видео) ДИК нема капацитет да мониторира интернет-медиуми, ова е начин да се врши притисок, тврди Трајчевски
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Носењето на Изборниот законик со новите одредби поврзани со медиумите е сериозен чекор назад со кој се врши притисок врз медиумите, вклучително и интернет-порталите. Измените со кои изборното рекламирање на партиите ќе го плаќа државата, а политичките субјекти сами ќе одредуваат во кое време ќе се рекламираат на медиумот, оди само во прилог на партиите, а не на медиумите и државата. Вака Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, го објаснува новиот Изборен законик, кој експресно беше донесен на собраниска седница. Со ова се отвора можноста Македонија да има покорумпирани медиуми од порано, тврди првиот човек на АВМУ.
„Најголемиот број казни што АВМУ ги изрекуваше во изминатиот период се однесуваа на балансирано известување. Небалансираното известување директно не беше поврзано со средствата што ги трошат партиите, туку со определбата на сопствениците на медиумите да заземат политичка страна поради нивните врски со одредени политички и економски елити. На ваков начин не може да се претпостави дали медиумите ќе ги почитуваат законите бидејќи измените не влијаат во начинот на уредувачката политика на медиумите. Ова се многу чудни одредби во законот, а таква регулатива не постои никаде во демократскиот свет. Другите извори на финансирање на политичките партии, како што се членарини и донации, остануваат. Со овие измени на Законот за финансирање на политичките партии се дозволува да земаат и кредити, а се зголемуваат и средствата што ќе ги добиваат од буџетот. Смешно е СДСМ да кажува дека независните кандидати на изборите ќе може да се рекламираат исто како претходно кога тие немаа можност да користат платено политичко рекламирање. Има тенденција одредени медиуми да станат провладини, односно со начинот на известување да се доближат кон политиките на Владата“, вели Трајчевски.
Трајчевски вели дека Државната изборна комисија, која ќе треба да мониторира интернет-портали, има комисија избрана од политичките партии и со тоа не знае каква методологија за надзор може да донесе таа. Во Законот за медиумите не се следат порталите, не постои регистар на портали и не може да се следи кој е сопственик на овој вид медиуми. Тука се отвора можноста за манипулации, вели Трајчевски. Можноста политичарите да основаат интернет-медиум, каде што сопственик ќе биде трето лице, и за време на избори да го финансира матичната партија на политичарот, не се исклучува, смета директорот на АВМУ.
„За да се изработи регистар за интернет-портали, ќе треба долг временски период, а треба и стручен капацитет, кој во моментот, а ниту во наредниот период, Државната изборна комисија не може да го има. Ова е начин да се врши притисок врз интернет-портали за време на изборниот период, односно тие да бидат наклонети кон една или друга политичка опција“, додава Трајчевски.
Темата на медиумските закони нема цел да ја подобри слободата на изразување, туку да направи кадровски промени, вели Трајчевски, кој смета дека министерот Манчевски не смеел да бара оставка од советот на АВМУ бидејќи со тоа вршел притисок врз него непосредно пред референдумот.
Зоран Трајчевски тврди дека МРТ е во лоша финансиска состојба, а во програмската шема недостигаат дебатни емисии и истражувачко новинарство. Истовремено, гледа подобрување во начинот на известување.
Извор: Макфакс