Правдико

   

(Видео) Филипче: Мерките не се почитуваат, можен е карантин во некои општини

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Новозаболените од коронавирусот се резултат на непочитувањето на мерките, вели министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека има информации за лица што, наместо во самоизолација, излегуваат надвор и се шетаат.

Според министерот, најголема концентрација на заболени има во Чаир, Сарај, Гази Баба, Бутел и во Аеродром и најави дека е можно повторно воведување рестрикции во овие општини.

Ако се воведе карантин, тоа ќе биде по примерот на Дебар, односно ќе биде забрането движење надвор од посочениот регион, како и забрана за движење внатре во регионот.

Според Филипче, зголемениот број случаи е варијација и засега не се смета дека ќе има тренд на зголемување на бројот затоа што станува збор за познати контакти на заболени. Појасни дека затоа сè уште нема одлука за воведување карантин.

„Ние ја следиме состојбата. Сакам да порачам дека повторно ќе воведеме рестрикции, таргетирани и локализирани на некои места во согласност со бројот на новодијагностицирани ако епидемиолошката состојба тоа го наложи. Тоа се дискутира на состанокот на Комисијата за заразни болести. Ќе ги анализираме бројките од следните денови од текот на викендот и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките. Поради познатите кластери, нема потреба од нови рестрикции, но ако треба, повторно ќе воведеме. Се укина полицискиот час со јасна порака да се почитуваат превентивните мерки, тоа го прават сите земји и е единствениот начин да се справиме со вирусот“, рече Филипче.

Тој рече дека анализата покажува оти ако се почитуваат мерките за самоизолација и за заштита, нема да има потреба од полициски час во некои региони, но посочи дека будно ја следат ситуацијата.

Тој побара од МВР поголема ажурност и казни за граѓаните, кои, наместо во самоизолација, шетаат надвор.

„Има информации за граѓани кои и со решенија за самоизолација се шетаат надвор. Затоа, барам поголема ажурност од страна на МВР, поголема контрола и санкции за тие што овие мерки не ги почитуваат. Уште еден проблем на колегите епидемиолози е одбивањето соработка од страна на пациентите, тешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, одбивањето да даваат точни податоци, даваат лажни адреси, тешко може да се достават решенијата за самоизолација. Имаме поголема концентрација во четири скопски општини, и тоа во Чаир, Сарај, Гази Баба, Бутел и во Аеродром. И огромен процент на новозаболените се како резултат на непочитување на мерките за самоизолација и лична заштита. Новодијагностицираните пациенти се заразени во периодот кога имаше строги рестриктивни мерки во однос на движењето и важеа истите мерки како и сега“, рече Филипче.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико