(Видео) Филипче побара разбирање и поддршка за одлуките во образованието
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Знам дека многумина сакаат и бараат учењето да се одвива поинаку и, искрено, сите ги разбирам. Но, како здравствен работник и прв одговорен во битката со пандемијата, барам разбирање и поддршка за сите здравствени одлуки што ги донесовме во однос на образовниот процес, вели министерот за здравство, Венко Филипче, во видеообраќање до родителите, учениците и образовните работници по повод почетокот на учебната година.
Тој вели дека секоја одлука е базирана на примарната и најважна цел – заштитата на јавното здравје, заштитата на здравствениот систем и пребродување на кризата.
„Секоја одлука што ја донесовме е со цел да се обезбеди добар, но и безбеден образовен процес. И ова е единствениот исправен пристап во услови кога нема идеално решение“, потенцира министерот Филипче.
Во своето обраќање министерот Филипче истакна дека целосното отворање на училиштата, кое го применија многу земји, се покажало како исклучително голем ризик, а во неколку земји тоа значело целосен крах на системот и враќање кон силните рестрикции.
„Верувам дека никој не го посакува ова. Сите добро се сеќаваме каква штета врз менталното здравје, економијата и врз целото општество донесоа рестрикциите. Тие се последното нешто што сакаме да го употребиме и затоа мора да бидеме многу внимателни. Сите ученици што се враќаат во училишните клупи, нивните родители и наставниот кадар мора да бидат многу одговорни. Дури 600 училишта ја почнаа наставата со физичко присуство. Од учениците, родителите и од наставниците очекувам максимално и доследно почитување на пропишаните мерки. Од сите заедно зависи дали ќе ја задржиме состојбата стабилна, а со тоа и безбедно и квалитетно да ја поминеме учебната година. Драги деца, вирусот не е шега. Можеби за вас е помалку опасен, но е многу поопасен за вашите родители, баби и дедовци. Почитувајте ги препораките, слушајте ги наставниците и штитете го здравјето на сите. Јас верувам во вашата зрелост и одговорност. Вие може да бидете пример за возрасните и за целото општество. Кризата е време во кое созреваме, во кое растеме како одговорни личности. Ви посакувам успешна учебна година“, рече министерот Филипче.
Извор: Макфакс