(Видео) Филипче: Прекин на наставата во наредните 14 дена, за деца до 10 години од работа се ослободува еден родител | Правдико

Правдико

   

(Видео) Филипче: Прекин на наставата во наредните 14 дена, за деца до 10 години од работа се ослободува еден родител

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека по препорака на Комисијата за заразни болести, владата прифатила сет на дополнителни мерки за борба против ширењето на коронавирусот.

Ова следува откако вчера беше регистриран првиот случај на локална трансмисија, кога коронавирус беше потврден кај тројца членови на семејството на брачната двојка од Дебарско, која со инфекција дојде од Бреша, Северна Италија.

Една од најважните нови мерки е тоа што се прекинува наставата во градинките, основните и средни училишта во наредните 14 дена. Во овие институции вработените ќе се ослободат од обврски, а на еден родител за деца до 10 години наложено е да се овозможи отсуство од работа.

Како нови мерки министерот ги наведе:

– Да се прекине со воспитно-образовниот процес и наставата во сите детски градинки, основни и средни училишта и високо-образовни установи и во јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично;

– За спроведување на оваа мерка еден од родителите на децата до 10 години, што ќе бидат ослободени од обврската да одат во градинките или да ја следат наставата, ќе бидат ослободени и од обврската да ги извршуваат работните обврски;

– Да се забранат масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на државата, со над 1.000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1000 учесници;

– Да се забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на земја, во наредните 30 дена;

– Да се воведе задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави, во период од 14 дена;

– Да се забрани извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на македонските оператори и производители, освен со посебна дозвола која ја издава Министерство за здравство;

– Да се препорача на возрасните и високоризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз;

– Да се препорача избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик, согласно листата од Светската здравствена организација;

– Државната изборна комисија да ги ослободи од понатамошно учество во изборниот процес вработените од јавните здравствени установи и да бидат заменети со други лица;

– Физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваа препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик;

– Да се воведе health locator карта за сите летови и сите авиокомпании, односно образец кој ќе го пополнуваат патниците со податоци за полесно контактирање доколку за тоа се укаже потреба;

– Да се забрани организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус) кон високо ризичните земји, како и од тие земји кон нашата;

– Да се зајакне присуството волонтерите од Црвениот крст, во соработка со Министерството за здравство, на сите гранични премини;

– Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест, упатени од Министерството за здравство;

– Да се упати заклучок и препорака од страна на Владата до сите органи на државната управа и до едниците на локалната самоуправа за времен прекин од работни обврски (не одење на работно место и да останат во своите домови) за бремените жени и хроничните болни лица;

– Сите јавни претпријатија и приватни компании што вршат јавен превоз на патници да вршат редовна дезинфекција на превозните средства;

– Владата им препорачува на сите владини и државни институции, како и на јавните претпријатија да ги откажат сите патувања или да ги организираат предвидените состаноци преку интернет комуникација;

– Се задолжуваат сите владини и државни институции, како и јавните претпријатија да воведат мерки за заштита и за дезинфекција во сите државни институции на влезовите во институциите. Оваа мерка Владата им ја препорачува и на компаниите од реалниот сектор;

Министерот воедно упати апел да се седи дома и да нема масовно посетување на игротеки, каков што бил случајот кога имаше епидемија на морбили.

Филипче посочи дека во земјава стотици лица се изолирани по вчерашната вест за заразената докторка, 64 вработени од клиниката за Кожни болести, 24 пациенти, како и 103 лица кои учествувале на научниот симпозиум за кожни болести. Првата пациентка, 50 годишната жена која допатува од Италија, е веќе целосно излечена од вирусот, а во моментов се тестира 16-годишна девојка со сомнителни симптоми. Резултетите ќе бидат објавени подоцна во текот на денот.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико