Правдико

   

(Видео) Како Јакимовски им овозможувал на фирми да добиваат државно земјиште по багателни цени

© Copyright 2018 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во периодот од 2011 до 2017 година вработени во Општина Карпош на чело со тогашниот градоначалник Стевчо Јакимовски  легализирале бараки во сопственост на фирми и на тој начин им овозможувале да се стекнат со државно земјиште по багателни цени.

Вака накратко од Министерството за внатрешни работи ја објаснија кривичната пријава поднесена против Јакимовски и уште четворица вработени во Општината. Кривични пријави се поднесени и против управителите на три фирми и едно физичко лице.

Станува збор за времени објекти во општина Карпош, на улицата Илинденска, кои биле во сопственост на фирмите.

Според МВР, компаниите „Гром промет“, ЕМАГ, ДОТ „Мебел“ и физичкото лице Т.Ѓ побарале утврдување на правен статус, односно легализирање на нивните монтажни бараки, кои според законот не се сметаат за бесправно изградени објекти.

Сепак, и покрај ова, Јакимовски и уште четворица вработени во Општината за кои има кривични пријави, на бараките им дале третман на бесправно изградени објекти и дале согласност тие да се вклопат во урбанистичко-планската документација.

Со ова, на фирмите им било овозможено бараките да бидат впишани како легални објекти во нивна сопственост, а со тоа добиле ексклузивно право да извршат откуп на државното земјиште на кое биле сместени монтажните објекти.

Ова, според кривичната пријава, е спротивно на Законот за градежно земјиште, според кој времени објекти не се дел од градежно земјиште и за нив не може да се бара стекнување право на сопственост на градежното земјиште.

Сепак, и покрај ова, како што велат од МВР, „Гром промет“ се стекнала со земјиште од 1.533 квадратни метри, кое како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од најмалку 448 илјади евра.

„ЕМАГ“ ДОООЕЛ се стекнала со земјиште од 722 квадратни метри кое во 2016 година имало вредност од околу 211 илјади евра,

На ДОТ „Мебел“ и на физичкото лице Т.К, пак, им било овозможено да откупат државно земјиште за 450 денари по метар квадратен, иако, ако се одржело јавно наддавање, почетната цена за таа локација би била 300 евра за квадрат.

„Макфакс“ ја обелодени аферата уште во 2017 година, кога откри дека „Гром промет“ купил државно земјишто во Карпош за само 11 илјади евра, а потоа го продал за 600 илјади евра, а од општината тврдеа дека во случајот нема никакви прекршувања на законите.

Обвинителството за гонење организиран криминал бара притвор за Јакимовски и двајца вработени во Општината. За бизнисмените кои се на распит во Кривичниот суд побарани се мерки на претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите и да се јавуваат еднаш неделно во судот.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико