(Видео) Казните за обвинетите во „Диво Насеље“ се драконски, случајот е монтиран – тврди одбраната | Правдико

Правдико

   

(Видео) Казните за обвинетите во „Диво Насеље“ се драконски, случајот е монтиран – тврди одбраната

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Според одбраната во предметот „Диво Насеље“, затворските казни кои денеска беа изречени во Врховниот суд се драконски. Тие велат дека имаат информации за докази со кои ќе докажат дека случајот е монтиран.

„Ние како одбрана не очекувавме коректни казни, но не очекувавме ни вакви драконски казни. Обвинителството сè уште не е реформирано. Со меѓународна истрага ќе докажеме дека овие луѓе се донесени овде за туѓи интереси. Сите бранители ќе поднесеме жалба на пресудите за обвинетите. Има информации за докази со кои ќе се докаже дека ова е монтирано рочиште. Со меѓународна истрага ќе се реши овој случај. Тајните служби се оние кои го измонтираа овој случај“, изјави адвокатот Насер Руафи.

Адвокатот Асмир Алиспагиќ рече дека пред повисоките судови ќе докажат дека не постои дело тероризам.

„Денеска судот донесе енормно високи казни за лицата кои ги прогласија виновни, ние сметаме дека во ваква ситуација не се содржани субјективните и објективните причини за кои се обвинуваат. Веруваме дека пред повисоките судови и пред СЈО во понатамошните делови на постапката ќе покажеме дека не постои дело тероризам и терористичка организација. Идејата за меѓународната истрага, која ја најави Спасовски, е во интерес на вистината за жртвите. Мислам дека уште тројца требаше да бидат ослободени, но се надевам дека повисоките судови ќе го имаат предвид нашето укажување“, рече тој.

Семејствата на обвинетите ги обвинуваат Али Ахмети и СДСМ дека станува збор за местенка за тие да можат да добијат повеќе гласови на изборите.

„Што да кажеме кога полицијата пукаше врз главата на двегодишно дете. Тоа никој не го видел, сите гледаа во камерите, но не во живо. Можат само душата да ни ја земат, друго немаме што да дадеме. Никој не знае зошто се осудени на 13 години затвор, одговорот го имаат само тие што се на власт. Политичарите ја наместија оваа работа, граѓаните нема што да прават. Македонците и Албанците имаат иста душа, иста крв, криви се политичарите“, изјавија семејствата, по објавувањето на пресудата за „Диво Насеље“.

К. Ландов

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико