(Видео) Милевски: Ме нападнаа поради изгласувањето на законот за јазиците | Правдико

Правдико

   

(Видео) Милевски: Ме нападнаа поради изгласувањето на законот за јазиците

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски,  вели за „А1он“ и „Макфакс“ дека вчерашниот инцидент е срамен чин и неуспешен обид да се попречи патот на Македонија кон ЕУ и НАТО. Тој тврди дека иако дојде до елиминација на некој функционер или пратеник, Македонија ќе остане на зацртаниот пат и дека политиката која тие како владејачко мнозинство ја водат нема да биде спречена.

-И да нè елиминираат ова е политика што ќе ја спроведе некој друг. Нашата интенција е Македонија да влезе во НАТО и ЕУ и вакви испади нема да нè поколебаат тоа да го реализираме. Стратешките цели на Македонија се многу поважни од индивидуалните дејанија на лицата, вели Милевски.

Тој смета дека овој чин не е напад врз него како личност, туку е напад на пратеник зад кој стојат 10 илјади граѓани во чие име спроведува политики во Собранието на РМ.

-Ние треба да дискутираме и да се расправаме со аргументи, а не со тупаници и физички пресметки. Доколку пратениците не се сигурни тоа значи дека и граѓаните не се сигурни, вели Милевски кој за „А1он“ и „Макфакс“ лично го раскажа немилиот настан.

-Вчера кога се движев по плоштадот „Македонија“ околу 16 и 30 часот бев нападнат од непознато лице кое од нигде никаде дојде до мене и ме удри. Не очекував такво нешто, бев прибран успеав да го оттргнам напаѓачот по што избега, раскажува Милевски.

Според него, големи се шансите овој напад да е тесно поврзан со изгласаниот закон за употреба на јазиците. Пратеникот уште еднаш порача дека ваквите напади нема да ги поколебаат пратениците да ја остварат зацртаната цел.

-Целата клима што се создаде во јавноста околу нас, пратениците, доведе до ваквото непресметливо однесување. Доколку нападот е навистина поради законот, му порачувам на напаѓачот дека ниту мене, ниту другите колеги вакви настапи и чинови на насилство нема да нè поколебаат кон нашата крајна цел, а тоа е членството во НАТО и ЕУ, вели Милевски.

Лидерот на ЛДП смета дека овој акт е производ од манипулациите на граѓаните кои не можат прецизно да ги проценат политичките случувања во Република Македонија. Тој вели дека засега нема да бара засилено обезбедување, но доколку овие случаи станат пракса, тогаш сериозно ќе размисли за поголема заштита.

Блиски извори од Јавното обвинителство брифираат за „А1он“ и „Макфакс“ дека сторителот ќе биде гонет за кривично дело „напад на службено лице“ во согласност со Кривичниот законик.

Виктор Јованов

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико