(Видео) Обвинителката Ленче Ристоска е за легализација на канабисот, но во строга законска процедура | Правдико

Правдико

   

(Видео) Обвинителката Ленче Ристоска е за легализација на канабисот, но во строга законска процедура

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, се одржа научна расправа на тема „Легализација на канабис, да или не?“.

На научната расправа говореа повеќе панелисти, меѓу кои и обвинителката Ленче Ристоска и судијата Владимир Туфегџиќ.

Обвинителката Ристоска посочи дека во Македонија канабисот се смета за опојна дрога од прва категорија и е строго забранет, но исто така истакна дека таа е за негова легализација, во строга законска процедура.

„Државата би требало да го декриминализира канабисот, но треба 100 пати повеќе од сега да врши контрола на опојните дроги“, рече Ристоска.

Обвинителката потсети дека Македонија е потписник на низа конвенции кои ја обврзуваат да прави строги контроли на опојните дроги, како што е Единствената конвенција за наркотични дроги.

Ристоска потенцираше дека не е јасно зошто канабисот е дозволен само за медицински цели, а не и за лична употреба, а исто така рече дека не е познато и дали употребата на канабис генерира криминалитет.

Судијата, Владимир Туфегџиќ, рече дека употребата на канабис е лична одлука на секој поединец.

„Во минатото и тутунот се сметаше за дрога, а денес е достапен за сите“, посочи тој.

Како позитивен пример го посочи Израел за кој нагласи дека е најлиберална држава по ова прашање.

„Користењето на канабис до 15 грама во приватни цели не е казниво, дококу се користи јавно се казнува со 225 евра. Притоа доколку едно лице до 4 пати се обиде да користи канабис на јавно место се опоменува и казнува парично, а дури ако биде фатено по петти пат, тогаш станува збор за кривично дело“, посочи судијата Туфегџиќ.

Научната расправа „Легализација на канабис, да или не?“ се одржа во организација на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ – Скопје и Здружението на млади кривичари.

В. Маглешов

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико