(Видео) Русковска: Груевски ја ставил во функција партијата за крвавиот четврток
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.На прес-конференција за јавноста во Јавното обвинителство беа изнесени информации за истрагата за организаторите на насилствата од 27 април 2017 година.
Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, рече дека осомничените во истрагата ја ставиле во функција партијата за организација на насилствата од 27 април, со координација на активностите. Кординатори биле осомничените Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
Организацијата подразбирала ангажирање луѓе од општинските организации на партијата.
Никола Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ во телевизиско интервју ги повикал граѓаните на протест и за таа цел ја ставил во функција партијата.
„Осомничениот како тогаш претседател на политичка партија ги повикал преку медиум граѓаните на протести и заедно со другите обвинети за таа цел ја ставиле во функција целата партиска структура на таа политичка партија. Имаме и пораки, дел се обезбедени, а за дел се уште се работи“, кажа Русковска.
Обвинителката рече дека до судот ќе биде доставено барање за екстрадиција за Никола Бошкоски, кој избега во Грција и очекува тој да биде екстрадиран во Македонија откако ќе заврши постапката, бидејќи амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов не се однесува за ова кривично дело.
Во оваа истрага ќе биде опфатен и ексдиректорот на УБК, Валдимир Атанасовски, кој се наоѓа во притвор во Шуто Оризари. Државниот обвинител Љубомир Јовески на новинарско прашање дали Билјана Бришкоска-Бошковски, која обвинетите за крвавиот четврток ја посочија како координатор на активностите, била повикана на распит за овој случај, рече дека во оваа фаза осомничени се само пет лица, а доколку истрагата се прошири и се обезбедат докази, може да бидат опфатени и други лица.
На новинарско прашање зошто обвинителството првин ги гонеше извршителите, а не организаторите на 27 април, Јовески рече дека станува збор за сложена постапка, која уследила по ненавремено извршениот увид во Собранието што подразбира проблем во обезбедување на доказите, а се чекало и вештачењето на телефоните.
Извор: Макфакс