(Видео) СЈО ги осомничи Груевски и Ахмети за пропаднатиот попис од 2011 година
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Специјалното јавно обвинителство отвори истрага за пропаднатиот попис од 2011 година. Со истрагата се опфатени тогашните коалициски партнери, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кои според СЈО, ја злоупотребиле функцијата и му нанеле штета на буџетот од 175.123.909 денари. Причината за престанок на пописот, според СЈО, било тоа што со спроведениот попис ќе им се нанело огромна штета на угледот на лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Според обвинителката Фатимe Фетаи, Груевски и Ахмети се сомничат дека се договориле да го прекинат пописот во 2011 година за да се задржат на власт, а тоа да го прикажат во јавноста како неможност за реализација поради технички причини.
„Доказниот материјал упатува на сомневање дека во октомври во 2011 година осомничените ги искористиле своите овластувања и како одговорни лица, претседатели на политичките партии, ја злоупотребиле својата функција и го оштетиле буџетот. Постои основано сомнение дека како владејачка коалиција сакале да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население. Помеѓу 10 и 11 октомври осомничените се договориле да го стопираат пописот на населението“, посочи Фетаи. Таа додаде дека двајцата тогашни лидери како причини за стопирање на пописот ги навеле проблемите од техничка природа и некадарност на институциите. Но, вистинската причина, спред СЈО, е што по започнувањето на постапката за попис на населението во земјава сфатиле дека пописот ќе им нанесе штета на тогаш владејачките ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, па водејќи се од лични интереси и задржување на моќта во општеството, ја прекинале постапката, со што е предизвикана штета од над 175 милиони денари.
„По договорот со образложение дека со отпочнување на примена на Законот се јавиле недоречености, Владата до Собранието предложила да престане да важи Законот за попис на населението, па посредно преку парламентарните групи на 15 октомври 2011 бил изгласан закон со кој престанува да важи операцијата на попис. Сепак, причината не било тоа што е наведено од Владата туку осомничените сфатиле дека со пописната операција ќе им се нанесе штета на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и самите како лидери водејќи се од лични интереси и задржување на моќта одлучиле дотогаш потрошените средства да ги ‘фрлат во вода“, истакна Фетаи.
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева информираше дека лидерите на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, кои се осомничени во случајот „Попис“, досега не дошле на распит, но кога ќе треба, според законските прописи, ќе бидат повикани.
Извор: Макфакс