(Видео) ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери | Правдико

Правдико

   

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери, против директорот на „Службен весник“, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот со објавувањето на законот за двојазичност, без потпис на претседателот на државата, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека потпишувањето и праќањето на законот за двојазичност во „Службен весник“ од страна на Џафери, без потпис на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, е незаконски и насилнички обид да се протуркаат решенија што ќе остават далекосежни последици врз државата.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на ‘Службен весник’, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот за објавување на законот за двојазичност, без потпис на претседателот на државата. Дополнително, ќе поднесеме иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд. Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија, кој ги поврзуваше сите етнички заедници што живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо“, рече Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој, како што рече Јанушев, неуставен и штетен закон. „Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО-ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или каква било друга помош“, рече Јанушев.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико