(Видео) ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за јазици | Правдико

Правдико

   

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за јазици

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за двојазичност. Според партијата, Законот е донесен на насилнички начин од страна на власта, со газење на Уставот, законите и процедурите за донесување и објавување на законите.

„Указот за прогласување на Законот за двојазичност е објавен само со потпис на Талат Џафери и без потпис на претседателот на државата – Ѓорѓе Иванов, што е во целосна спротивност на член 75 од Уставот, кој предвидува указите за прогласување на законите задолжително да се потпишуваат од претседателот на Република Македонија.На указот на Законот за двојазичност стои единствено потписот на Талат Џафери, кој се потпишал во име на претседателот на држава – иако на претседателот на државата ниту му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши, што е уште една незаконитост спротивна на член 82 од Уставот. Тоа значи дека во конкретниов случај не е исполнет ниту еден од условите указот да биде потпишан од Џафери во име на претседателот на државата“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека Законот за двојазичност е во целосна спротивност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој вели дека „На целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.“

„Со Законот за двојазичност – македонскиот јазик се изедначува со секој друг јазик што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и со тоа македонскиот јазик од кохезивен фактор во општеството се претвора во еден од двата службени јазици, што е незаконски и противуставно. Дополнително власта врши прекршување и при носењето на законот бидејќи Законот за двојазичност е закон кој уредува и прашања за употреба на јазикот во судските постапки и органите на државната управа и општините, кои според член 98 и Член 119 од Уставот се носат со двотретинско мнозинство“, рече Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ бара од Уставниот суд донесување времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот за двојазичност и Указот за прогласување на истиот.

„Апелираме до Уставниот суд да одлучува со најголема итност, почитувајќи ги Уставот и воспоставените практики од минатото и да донесе одлука со која ќе се укине Законот за двојазичност“, рече Јанушев.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико