(Видео) Заврши расправата, на 22 декември ќе се гласа за новиот јавен обвинител | Правдико

Правдико

   

(Видео) Заврши расправата, на 22 декември ќе се гласа за новиот јавен обвинител

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со денешната расправа се исцрпи диксусијата по предлогот за именување на новиот јавен обвинител Љупчо Јовески.

Пратениците за Јовески ќе гласаат на седницата закажана на 22 декември.

Пратеникот Томислав Тунтев во името на СДСМ ги повика пратениците да го поддржат предлогот и како што рече да изберат човек од фелата и професионалец со кој ќе почнат реформите во правосудството.

„Сметам дека Јовески е најдоброто решение, тој важи за човек кој се држел до словото на законот. Поддржан е и од Советот на јавни обвинители, а ниту опозицијата на претходната расправа немаше забелешки на неговата професионална биографија. Ја повикуваме опозцијата иако не е во Собрание, вонинституционално да даде поддршка на предлогот и Јовески да избереме со консензус“, рече Тунтев.

Поддршка на предлогот дадоа и коалициските партнери од ДУИ. Џеват Адеми рече дека имал дилема за годините на Јовески, но, сепак, како што рече, неговото искуство му влеало надеж дека оваа институција ќе тргне напред.

„Павосудниот систем во државата сè уште е во транзиција, но, сепак, реформите за кои се залагаме ми влеваат надеж дека ќе има промени. Јас сум стар пратеник и горд сум што не гласав за поддршка на Зврлевски. Ќе се гордеам кога ќе гласам за Љупчо Јовески. Се надевам дека овој правник пред пензија ќе оди со крената глава и дека криминалците ќе ги изведе пред лицето на правдата“, рече пратеникот Џеват Адеми од ДУИ.

Пратеничката група на Беса имаше забелешка на изборот на Јовевски, при што пратеникот Фадил Зендели рече дека тој како судија учествувал во афера во 90-тите за апсење на група Албанци.

„Оваа институција за Албанците важи за една од попроблематичните. Имаме искуство со  поднесени голем број обвиненија против Албанците. Сакам да прашам дали и Јовевски во ’93 година бил дел од судењето за една афера на група Албанци. Ова е нашата дилема. Инаку, ние кажавме дека ќе дадеме поддршка на реформите кои се добри за граѓаните“, рече Зендели.

По ова, претседателот Талат Џафери ја прочита листата на пратеници пријавени за збор и откако ја исцрпе, ја затвори седницата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како што најавија, не беа дел од денешната расправа.

Г.Д.М.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико