Видови на казни за деца над 16 годишна возраст | Правдико

Правдико

   

Видови на казни за постари малолетници

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

decak

Може да се казни само кривично одговорен постар малолетник, ако поради тешките последици од кривичното дело и високиот степен на кривичната одговорност не би било оправдано да се изрече воспитна мерка.

Под строго определени услови, на дете над 16 годишна возраст можат да му се изречат следниве казни:

– малолетнички затвор,

– парична казна,

– забрана на управување со моторно возило од определен вид или категорија и

– протерување на странец од земјата.

Малолетнички затвор

Малолетничкиот затвор може да се изрече само како главна казна.Малолетнички затвор може да се изрече на кривично одговорен постар малолетник кој сторил кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна, ако делото е сторено под особено отежнувачки околности и при висок степен на кривична одговорност на сторителот и притоа не би било оправдано да се изрече воспитна мерка.

Малолетничкиот затвор не може да биде пократок од една ниту подолг од десет години, а се изрекува на полни години или на половина година. При одмерувањето на казната на постар малолетник за определено кривично дело, судотне може да изрече малолетнички затвор во траење подолго од пропишаната казна затвор за тоа дело, но судот не е врзан за најмалата пропишана мера на таа казна.

delikvent

При одмерувањето на казната малолетнички затвор, судот ќе ги земе предвид сите околности што влијаат казната да биде поголема или помала, определени во Кривичниот законик, посебно водејќи сметка за степенот на душевната развиеност на малолетникот и за времето потребно за неговото воспитување, превоспитување и стручно оспособување.

Малолетникот кој е на издржување на казната малолетнички затвор може да се пушти на условен отпуст ако издржал најмалку една третина, но не пред да издржи шест месеца од изречената казна доколку превоспитувањето е успешно. За време на условниот отпуст судот му определува мерка на засилен надзор од страна на центарот во одредено траење, кое може да биде и пократко од делот на неиздржаната казна. Судот може да го продолжува траењето на засилениот надзор до една година по времетраењето на казната, но најмногу до наполнувањето на 21 година на осудениот.

Судот ќе го отповика условниот отпуст ако осудениот малолетник не ги исполни обврските предвидени со засилениот надзор или ако стори едно или повеќе кривични дела за кои е изречена казна малолетнички затвор над две години, додека е на условен отпуст.

Парична казна

Паричната казна може да се изрече како главна казна.За дела сторени од користољубие, паричната казна може да се изрече како споредна казна заедно со казната малолетнички затвор или со условна осуда со заштитен надзор.Паричната казна се изрекува во дневни глоби. Бројот на дневните глоби не може да биде помал од една ниту поголем од 120 дневни глоби.

Во однос на одмерувањето и извршувањето на паричната казна   соодветно се применуваат одредбите од Кривичниот законик. Неплатената парична казна судот може да ја замени со мерката општокорисна работа. Една дневна глоба се заменува со три часа општокорисна работа, при што вкупниот број часови општокорисна работа не може да биде поголем од 100 часа.

Неплатената  парична  казна  или  неизвршената  или  делумно извршената општокорисна работа како нејзина замена, судот може да ја замени и со мерка упатување во центар за деца, или со мерка на засилен надзор.

Забрана на управување со моторно возило од определен вид или категорија и протерување на странец од земјата

Забраната на управување со моторно возило од определен вид или категорија и протерување на странец од земјата можат да се изречат како главна казна или како споредна казна заедно со парична казна.Забраната на управување со моторно возило од определен вид или категорија и протерување странец од земјата се изрекуваат под условите за нивното изрекување определени во Кривичниот законик.

За дејствија предвидени со закон како кривични дела во стек судот му изрекува на дете само една воспитна мерка или само казна затвор за деца или парична казна, кога постојат законски услови за изрекување на таа казна и кога судот ќе најде дека треба да се изрече. Судот ќе постапи и кога по изречената воспитна мерка, односно затвор за деца или парична казна ќе утврди дека детето пред или по нивното изрекување сторило некое дејствие што со закон е предвидено како кривично дело.

Ако постар малолетник стори повеќе кривични дела во стек, а судот најде дека за секое одделно кривично дело треба да му се изрече казна малолетнички затвор или парична казна, казната ќе му ја одмери според слободна оцена, во рамките на нејзината најголема законска мерка

Кога судот според општите одредби во Кривичниот законик ќе го прогласи малолетникот за виновен и ќе го ослободи од казна, може да му изрече и воспитна мерка.

–ПРАВДИКО–

Поврзани статии:

– Кои воспитни мерки можат да му се изречат на малолетник

Препорачуваме

Партнери на Правдико