Видови санкции кои можат да му се изречат на правно лице и трговец поединец | Правдико

Правдико

   

Видови санкции кои можат да му се изречат на правно лице и трговец поединец

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

 Прекршокот е  противправно  дело  кое  со закон  е  определено  како  прекршок,  чии обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција. Правното лице може да одговара за прекршок само ако тоа е посебно определено со законот со кој е пропишан прекршокот.  Прекршочната  одговорност  на  правното  лице  не  ја  исклучува  одговорноста  на сторителот на прекршокот.

За делата определени со закон прекршочно се одговорни сите правни лица, со исклучок на Република Македонија, државните органи и советите на единиците на локалната самоуправа.

Во ситуациите кога правното лице е во стечај е одговорно за прекршок извршен пред започнувањето на стечајната постапка и може да му се изрече само посебна мерка на конфискација на имот, имотна корист и одземање на предмети.

Видови санкции кои се изрекуваат на правно лице и трговец поединец

За прекршоци на правни лица и трговец поединец може да се изречат следниве санкции:

– опомена,
– глоба и
– привремена забрана за вршење одделна дејност.

Глоби

Глобата за правното лице се изрекува во износ кој не може да биде помал од 200 евра во денарска противвредност, ниту поголем од 5.000 евра во денарска противвредност. Глобата за трговец поединец не може да биде помала од 50 евра ниту поголема од 2.000 евра  во денарска противвредност.

За прекршоци сторени од користољубие или за прекршоци со кои се предизвикува поголема имотна штета, може да се пропише глоба до двојниот износ од максимумот на оваа санкција или во сразмер со висината на причинетата штета или прибавената корист, но најмногу до дваесеткратен износ.

Доколку е пропишан мандатен платен налог за прекршок на правно лице  не може да биде поголем од 1.500 евра во денарска противвредност за правно лице односно 1.000 евра во денарска противвредност за трговец поединец.

За одделни прекршоци од областа на заштита на конкуренција,  најтешко категоризираните прекршоци од областа на животната средина, како и во други области определени со закон  може да се пропише глоба во процентуален износ кој изнесува до 2% од  вкупните приходи на правното  лице во претходната финансиска година, а во однос на одделни прекршоци од областа на електронски комуникаци до 10% од вкупните приходи на правното лице во претходната финансиска година.

Опомена

Опомената може да се изрече за прекршок сторен под особено олеснителни околности,  ако прекршокот се состои од неисполнување на пропишаната  обврска или  со прекршокот   е   нанесена   штета,   а   сторителот   пред донесувањето на одлуката за прекршок, ја исполнил пропишаната обврска, односно ја отстранил или ја надоместил нанесената штета.

Привремена забрана за вршење одделна дејност

Санкцијата привремена забрана за вршење на одделна дејност на правно лице односно трговец поединец, може да се изрече ако постои опасност со вршењето на таква дејност правното лице односно трговец поединец да изврши повторно прекршок опасен за животот или здравјето на луѓето или прекршок со кој може да се нанесе имотна штета на друго правно лице односно трговец поединец или на граѓани, или ако на правното лице односно трговец поединец во последните две години му е изречена прекршочна санкција поради ист или сличен прекршок.

Судот го определува траењето на санкцијата кое не може да биде пократко од три месеци ниту подолго од три години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, а додека прекршочниот орган санкцијата може да ја изрече во траење од најмалку три дена до најмногу 30 дена.

Санкцијата привремена забрана за вршење на дејност не може да се изрече на правно лице основано со закон.

Одмерување на глоба за правно лице и трговец поединец

Одмерувањето на висината на глобата се врши врз основа на следниве критериуми:

– вкупен приход остварен во претходната фискална година,
– просечен број на вработени врз основа на состојбата на крајот на претходниот месец во однос на месецот во кој е сторен прекршокот и
– претходно поведение на сторителот.

По основ на критериумот „вкупен приход остварен во претходната фискална година“ може да се изрече најмногу 70% од пропишаната глоба и тоа на следниов начин:

– од 0 до 500.000 денари – 10%,

– од 500.001 до 1.000.000 денари – 20%,

– од 1.000.001 до 3.000.000 денари – 30%,

– од 3.000.001 до 6.000.000 денари – 40%,

– од 6.000.001 до 20.000.000 денари – 50%,

– од 20.000.001 до 100.000.000 денари – 60% и

– над 100.000.001 денари – 70%.

По основ на критериумот „просечен број на вработени врз основа на состојбата на крајот на претходнот месец во однос на  месецот во кој е сторен прекршокот “ може да се изрече најмногу до 20% од пропишаната глоба и тоа на следниов начин:

– од 0 до 9 вработени – 5%,

– од 10 до 49 вработени – 10%,

– од 50 до 249 вработани – 15% и

– над 250 вработен – 20%.

По основ на критериум “ претходно поведение на сторителот“ може да се изрече најмногу 10% од пропишаната глоба и тоа на следниов начин:

– нема изречени правосилни прекршочни санкции – 0% и

– изречени се правосилни прекршочни санкции – 10%.

Висината на глобата се одредува како процент од пропишаниот  износ на глобата. Одмерувањето на висината на глобата според критериумите се врши на тој начин што процентот претставува збир на сите проценти добиени во зависност од категоријата во која влегува сторителот во рамките на секој пропишан критериум.

На сторителот на ист прекршок, за секое наредно повторување на прекршокот одмерената глоба се зголемува за по 10%, но не повеќе од висината на двокрaтниот износ од пропишаната глоба за временски период од пет години.

Прекршочниот орган води евиденција за сторителите на прекршок и за изречените глоби за сторениот прекршок.

Извршување на глобата

Ако осуденото правно лице не ја плати глобата во определениот рок, кој не може да биде пократок од осум дена ниту подолг од 30 дена, ќе се спроведе присилно извршување, согласно одредбите од Законот за даночна постапка.

Глобата на странски правни лица се извршува од имотот конфискуван во Република Македонија или со примена на меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Македонија, од имотот во странство.

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико