Правдико

   

Владата го промовира порталот за отворени податоци на институциите

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Министерството за информатичко општество и администрација денеска го промовира новиот портал за отворени податоци. Во моментов се објавени 111 податочни сетови, од 42 институции.

„Преку порталот за отворени податоци сакаме да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој исто така овозможува да се зголеми учеството на граѓаните при креирањето политики и при анализа на испорачаните резултати. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво. Отворањето на податоците директно и позитивно ќе помогне и во напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси“, посочи министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Како што информираше тој, дел од податоците достапни на порталот се објавуваат за првпат, дел се и претходно објавени, но сега се достапни на едно место, систематизирани и во формат којшто е лесно разбирлив, но остава и простор за понатамошна анализа и дополнително користење.

Манчевски рече дека бројот на институции и бројот на податоци постојано ќе се зголемува.

„Во тој дел, сакам да потенцирам дека и секој од вас само со едноставна регистрација може да дава забелешки, коментари и, што е најважно, може да бара да се објават податоци кои до тогаш нема да се објавени. Оваа можност за интеракција овозможува сите да бидат дел од овој процес и заедно да го правиме овој портал алатка од која секој ќе може да има корист“, заклучи министерот Манчевски.

Извор: Макфакс

Партнери на Правдико