Правдико

   

Владата го усвои Планот за намалување на рестриктивните мерки

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Владата на Република Северна Македонија на денешната 51-ва седница го усвои Планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување на ширење на коронавирусот кој ќе се реализира во три фази.

Првата фаза е тековното функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење.

Втората фаза, како транзициона фаза, е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачаните мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на КОВИД-19, и трета фаза, која предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните превентивни, против-епидемиски мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.

На денешната седница, како дел од втората фаза, Владата го задолжи ЈЗУ „Завод за рехабилитација на слух, говор и глас“ – Скопје да започне со извршување на тековните работни активности, согласно протоколот од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Во овој пакет одлуки за попуштање на рестриктивните мерки, Владата ги задолжи сите министерства и другите институции од делокругот на својата надлежност да ги имплементираат мерките од Планот за намалување на рестриктивните мерки и протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и доколку е потребно да направи соодветно изменување и дополнување на уредбите со законска сила од својот ресор.

Во рамките на оваа точка на седницата на Владата донесена е одлука да започнат со работни активности центрите за едукација, обуки и семинари за возрасни, организации на седници на органи на управување и конференции, академии за едукативни активности, почитувајќи ги протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Исто така, од утре е овозможено да отпочне со одржување на настава и спроведување на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука на возачи согласно протоколот за овие дејности.

Овој прв пакет „олабавувања“ на мерките предвидува и отпочнување со спортски тренинзи на отворено, исклучиво за индивидуални спортови и тенис, како и работата на спортските и другите обложувалници преку шалтер, повторно во согласност со протоколот од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Согласно епидемиолошката состојба во државата и одлука од Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлука да се дозволи отворањето на затворените трговски центри – моловите, со почитување на строги правила и протоколи за нивна работа во услови на спроведување на мерки за превенција за спречување на појава и ширење на КОВИД-19.

Во рамките на овие мерки се дозволува избрани и именувани лица, претставници на институциите на државата, да можат да патуваат во други држави, со запазени мерки на заштита, заради активности поврзани со координација на активности од државен карактер.

Партнери на Правдико