Владата го усвои предлог-законот за амнестија
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Владата го усвои предлог-законот за амнестија, кој предвидува целосно ослободување од извршување казна на оние лица што биле осудени на 6 месеци затвор, а за сите други ќе има намалување од 30 отсто од казната.
Министерот за правда, Биљен Саљији, на седницата објаснил дека со предложениот текст на законот не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство извршено на свиреп или подмолен начин, убиство при вршење на семејно насилство, убиства со умисла при што е доведен во опасност животот на уште некое лице, убиства од користољубие, заради извршување или прикривање на друго кривично дело, од безобѕирна одмазда или од други ниски побуди.
Не се предвидува амнестија и за убиства по порачка, убиства на женско лице за кое се знае дека е бремено или малолетно лице и убиства на судија, јавен обвинител или адвокат, при вршењето на неговата функција, односно дејност или службено или воено лице при вршењето на работите на јавната или државната безбедност или на должноста чување на јавниот ред, фаќање на сторител на кривично дело или чување лице лишено од слобода. Овој член од Кривичниот законик, како што појаснил Саљији, се однесува и на лица осудени на затворска казна од најмалку десет години или со доживотен затвор за убиства со умисла на две или повеќе лица, за кои претходно не му било судено.
Амнестија не е предвидена ниту за сторителите на кривични дела против избори и гласање од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, за кривични дела против државата, за кривични дела злосторничко здружување, како и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право од Кривичниот законик на Република Македонија.
Според предложениот закон, ослободувањето од извршување казна, односно амнестијата, ќе ги опфати лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или со други закони, кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се на издржување на казната затвор, вклучувајќи ги и лицата што на денот на влегувањето во сила на овој закон почнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија.
Како што информираат од Владата на РМ, со овој предлог амнестијата ќе ги опфати осудените лица што на денот на влегувањето во сила на овој закон не почнале со издржување на казната затвор, а имаат конечна и правосилна судска одлука за упатување на издржување затворска казна во казнено-поправните установи.
Предлог-текстот на законот, појаснуваат од Владата, предвидува целосно да бидат ослободени од издржување на казната затвор и лицата осудени за дела што на денот на влегувањето во сила на овој закон повеќе не претставуваат кривични дела.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, вели дека е важно да се истакне оти за предлог-законот ќе има простор за дебата од 20 дена за сите да го искажат своето мислење, па потоа ќе влезе во собраниска процедура по редовна постапка.
– Целисходноста на донесувањето на еден ваков закон има повеќе фактори, меѓу кои преоптовареноста на затворите, нехуманите услови што постојат во нив, потребите од севкупни реформи во правосудниот систем каде што и делумно се затворите, има и компонента на хуманост, односно делот на ресоцијализација на затворениците да функционира подобро – изјави Бошњаковски.
А.Ср.
Извор: Нова Македонија