Владата обезбедила пари за Јанева
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Специјалната обвинителка еден и пол месец работи сама во две простории во Министерството за правда
Владата обезбедила финансиски средства за работа на специјалното обвинителство. Како што соопшти вчера вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во текот на оваа седмица ќе биде отворена жиро-сметка со депониран потпис на обинителката Катица Јанева. На вчерашната владина седница се очекуваше да бидат поддржани и плановите на обвинителката, а веќе на првата наредна седница на Собранието закажана за 2 ноември ќе биде разгледан владиниот предлог. Истиот ден кога Собранието ќе го усвои, парите ќе бидат префрлени на сметката на специјалното обвинителство и обвинителката ќе може да почне да ги користи.
Со ова, конечно, ќе тргнат работите од „мртва точка“ и ќе биде одблокирана работата на специјалната обвинителка, која повеќе од еден и пол месец функционира сама.
Судскиот совет деновиве го објави во „Службен весник“ изборот на седумтемина обвинители, кои треба да бидат во тимот на Катица Јанева како нејзини советници. Со тоа тие формално се веќе дел од новото обвинителство, а фактички, се’ уште работат на старите работни места, бидејќи немаат потпишано свечени изјави. Од разговор со нивните колеги дознаваме дека тие и натаму одат на работа во матичните обвинителства, но засега е непознато дали се раздолжиле со предметите што досега ги работеа.
Зошто е дојдено до ваква состојба „ни на небо, ни на земја“, објаснува поранешниот претседател на Совет на јавни обвинители и сегашен член, Константин Кизов.
„Секоја наша одлука се објавува во ’Служен весник‘. Ние ги избравме седумте обвинители во специјалното обвинителство, но тие ќе стапат на работа во оној момент кога ќе потпишат свечена изјава и ќе дадат заклетва пред членовите на Советот“, вели тој.
Но, тоа не е единствениот проблем на специјалното обвинителство под водство на гевгелиската обвинителка Јанева, кое треба да ја истражува содржината на незаконски прислушуваните материјали како и самото прислушување. Седумтемина обвинители дури и да дадеа заклетва, најверојатно ќе немаа ни биро и столче каде да седнат. И покрај ветувањата дека во законските рокови специјалната обвинителка ќе добие простор и пари, таа досега беше блокирана.
Јанева потпиша заклетва на 16 септември, но по еден и пол месец по нејзиното официјално инаугурирање, таа доби само две простории во зградата на Министерството за правда, секретарка и возач. Измина и рокот од 19 октомври, до кога Владата требаше да ги одобри нејзините три плана (оперативен, финансиски и организациски), со кои требаше да и’ префрли милион евра за последниов квартал. И покрај тоа што минатата недела Јанева требаше да избере објект – простории за работа, тоа не се случи. Министерството за правда распиша оглас за обезбедување простор за сместување, кој требаше да биде базиран на услови дадени од обвинителката. Таа претходно ги одби понудените локации, меѓу кои, објектот на старата зграда на Комерцијална банка, во која работи сега и Советот на јавно обвинителство. Неодамна таа самата најави дека специјалното обвинителство ќе биде сместено во зградата на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги.
И натаму „виси“ и нејзиното барање за докомплетирање на целиот тим со дополнителните 7 обвинители. „Во овој момент немаме ништо ново за да свикаме седница, досега Советот за јавни обвинители одлучуваше двапати на барањата на специјалната јавна обвинителка“, рече денеска претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски.
„Избрани се седум јавни обвинители од тоа обвинителство и со специјалниот јавен обвинител се осум, што е сосема доволно за да се почне со работа. Второто обраќање од обвинителката е повторно со истите имиња и нема никакви нови околности, дури имаме и уште едно обраќање каде што кажува дека евентуално ќе бидат оформени нови предмети и дека ќе има потреба од поголем број јавни обвинители. Мислам дека треба специјалното обвинителство треба да почне да работи, а во иднина да се размислува за зголемување на бројот на јавни обвинители“, вели Аневски.
Автор: Гордана Дувњак ( Утрински Весник )