Владата: Системот е функционален да одговори на предизвиците од бегалската криза | Правдико

Правдико

   

Владата: Системот е функционален да одговори на предизвиците од бегалската криза

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Управувачки комитет за координација и управување во системот за управување со кризи денеска одржа состанок посветен на најновите состојби со справување со евентуален нов бран мигранти.

На состанокот на Управувачкиот комитет, со кој претседаваше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска беше истакнато дека Владата со соодветно внимание ја следи ситуацијата и е во постојана комуникација со партнерите на нашата земја од НАТО и ЕУ.

„Република Северна Македонија воспостави систем од претходната бегалска криза и тој систем е подготвен и функционален да одговори на предизвиците со кои би се соочиле како транзитна земја“, велат од Владата.

Во 2019 година беше продолжена кризната состојба на јужната граница и во согласност со оваа одлука, сите институции што имаат обврски во услови на зголемен притисок на нашите граници го засилуваат своето присуство и ангажман. Уште во текот на денешниот ден зголемен е бројот на припадници на полицијата и на Армијата распоредени на јужната граница и потврдени се оперативните планови за дополнителен ангажман во случај на понатамошен раст на бројот на мигранти.

На денешниот состанок, покрај Шекеринска, учествуваа заменик-претседателката во Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, министерот за здравство, д-р Венко Филипче, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, претставници на канцеларијата на претседателот на Република Северна Македонија и на Армијата на Република Северна Македонија.

Извор: Макфакс

Препорачуваме

Партнери на Правдико