Владата со сет мерки ќе ја подобрува сајбер безбедноста на институциите
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Владата на денешната седница усвои сет мерки со кои ќе ја подобрува безбедноста на информациските системи во институциите. Како што соопштија од владината прес-служба, ова доаѓа поради потребата од поголема отпорност на јавните институции и зачестени сајбер напади врз нив.
Затоа, Владата ги задолжи органите на државната управа, а им укажа на останатите институции, да определат лице одговорно за информациска безбедност, за навремено пријавување инциденти и размена на информации поврзани со безбедноста на информациските системи до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT.
Исто така побара сите вработени во органите на државната управа задолжително да се регистрираат и да завршат обука за кибербезбедност за вработени во јавна администрација.
„Истовремено, органите на државната управа неопходно е да направат план за реализација и да ги предвидат финансиските импликации на мерките на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT“, се наведува во соопштението.
Владата до MKD-CIRT пак дала препорака за доставување извештај за спроведена бесплатна надворешна кибербезбедносна проверка на веб-апликации на пријавените институции.
Мерките се усвоени на предлог на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, а доаѓаат две недели по сајбер нападот на Фондот за здравствено осигурување, со кој меѓу другото заглави исплатата на платите на медицинарите, боледувањата и породилното, а граѓаните маки мачеа да набават лекови.