Влијанието на Кина врз Африка | Правдико

Правдико

   

Влијанието на Кина врз Африка

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Со повеќе од 1 милијарда жители, Кина е најнаселена држава во светот, како таква, кинеската економија е една од најсилните во светот, со силни предиспозиции за во брзо време да ја надмине и американската економија. Кинеското влијание на африканскиот континент не е од блиското минато, кинеските морнари, тргувале со земјите од источниот дел на африканскиот континент со векови, но економското влијание под кое во последниве децении се западнати голем дел од сиромашните држави на овој континент, е од сосема различна природа.

10384851_10203506680643546_2431894188305441865_n

Со цел да го анализираме влијанието на оваа држава врз целокупниот африкански континент, најпрво мора да се анализира самиот систем кој е воспоставен во Кина како таков.

Кина е една од последните комунистички држави, како остаток на едно време во кое скоро половина од земјината топка беше под системот од кој сегашната власт во оваа држава ги влече своите корени. Но, системот кој барем во моментов е воспоставен во Кина, е само номинално комунистички систем, а се повеќе наликува на олигархиско – капиталистички. Зошто е тоа така, постојат неколку причини, најпрво самиот пад на комунизмот во источна Европа, кај многу народи и во многу држави кои сеуште се трудеа да го задржат старото и да го спречат новото, започнаа да се развиваат некои нови размислувања кои беа далеку по различни од поранешните.

10458164_10203506680923553_300236889992293258_nНастаните на Тјенанмен плоштадот се доволен доказ за тие нови размислувања и за желбата за воспоставување на нов поредок. Сепак, под водството  Денг Ксјаопенг и неговата нова економска политика, “социјалистичката пазарна економија”, Кина кон крајот на 80те и почетокот на 90те години од минатиот век, започнува да се отвара спрема западот, да гледа по отворено кон западните инвестции на нејзина територија, но во исто време и да се отвара кон остатокот од светот со сопствени инвестиции.

Благодарение на оваа нова економска политика, Кина во текот на 90те години од минатиот век, не само што успева да ги смири движењата за промени кои во тој период ги имаа зафатено поголемиот дел од комунистичките земји, но во исто време и да го зголеми стандардот и квалитетот на живеење на стотици милиони свои жители.

Со самото зголемување на економска моќ, секоја држава ја зголемува и својата политичка, меѓународна, па и воена моќ. Кинеските економски односи со државите од африканскиот континент секогаш биле интересни за анализирање, од едноставна причина што со голем дел од државите на тој континент, кинезите имаат воспоставено доста интересен и функционален систем на трговија, ресурсите на континентот за пари и хуманитарна помош, во моментов Кина е еден од најголемите, ако не и најголем извозник на ресурси од африканскиот континент. Држави како Нигерија и Зимбабве, гледаат мошне позитивно кон своите кинески инвеститори, кои од своја страна пак, успеаа да се докажат како конзистентни и истрајни партнери.

Во секој случај, Кина е примарен економски двигател на поголем дел од африканските држави. Од друга страна пак, се поставува и прашањето, колку позитивно влијание таа економска моќ која Кина ја има во овој дел од светот, и каков ефект би имало истото тоа економско влијание не само врз континентот но и врз остатокот од светот. Се разбира, тука е и прашањето, зошто кинески инвестиции влегуваат и во држави како Судан или пак Зимбабве, држави во кои владеат диктатори, некои од нив како Омар Ал-Башир од Судан, и барани од меѓународниот суд во Хаг, прекршување и злоупотреба на основните човекови права, да не го споменуваме тука и геноцидот во Дарфур.

10440292_10203506681283562_2396091087872607948_nДали економската подршка на држави како овие, и извозот на ресурсите кои тие ги имаат, на некои места и по не многу скапи цени, е на некој начин (не) свесно осиромашување на самиот континент. Целосната трговија на Кина со овие држави може да се бори во милијарди долари, прашањето е каде одат тие милијарди долари, и колку е морално и етички да се соработува со режими од типот на Омар Ал-Башир и Роберт Мугабе, кои користат дел од тие пари за зацврстување на своите режими. Извозот на Бакар, нафта па дури и храна,  малку е познато дека дел од храната која ја произведува Етиопија на пример, се извезува за Кина, целиот тој извоз, очигледно дека нема некаков голем ефект врз самиот животен стандард на населението во Африка, а токму напротив, би требало да има.

Државите од западна Европа, во текот на 18 век имале една единствена политика, покрај колонизаторскиот аспект, тука секогаш била и борбата за ресурси помеѓу нив, бидејќи борбата за територија била и борба за ресурси, ресурси кои се извезувале на останатите континенти. Од тука, на некој начин, животот на африканците во голем дел се нема сменето, независноста која овие држави ја добија по втората светска војна, и ропството кое го имаа во минатите столетија, беше скоро веднаш по прогласување на независност, заменето со ново, должничко ропство. Тоа должничко ропство на тогаш новите независни држави, кон своите поранешни колонијални владетели, успеа да го извади најлошото на овој континент, да го стави во еден циклус на постојани граѓански војни, поделби и државни удари, нешта по што на сите денес ни е во главно познат овој дел од светот. Но, за да биде ситуацијата уште полоша, голем дел од западните компании, си ги задржаа правата за извоз на ресурси, тие сеуште вработуваат и исплаќаат мали плати на своите работници, далеку по мали од европските на кои тие се навикнати, а некои од нив  одат дури до степен, директно или индиректно да влијаат врз функционирањето на власта во одредени држави.

10172646_10203506681443566_6330862324932725199_nТука стапува на сцена Кина, со еден сосема поинаков пристап, но не поразличен во својата суштина. Предноста која ја има Кина кај африканските држави е во тоа што, за разлика од поранешните колонијални владетели, Кина скоро и да немала некое поголемо влијание врз овој континент, сметајќи дека до крајот на втората светска војна и самата таа била на некој начин расцепкана од страна на интересите на истите тие западно-европски држави. Тоа и дава на Кина една огромна предност во своите економски активности на овој континент, со тоа што африканските држави наеднаш имаат партнер со кој можат да соработуваат и кој нема оставено некоја лоша трага во целокупната психа кај народите кои живеат на овој континент.

Но, од друга страна пак, целокупната трговија која оваа држава ја има со континентот, нема допринесено за некаков голем напредок во зголемувањето на животниот стандард. Се разбира дека постојат голем број на причини зошто е тоа така. Како што споменавме и претходно, Кина е најнаселена држава на светот, нејзините ресурси, колку и да се големи, колку и да е голема територијата на оваа држава, толкава е и побарувачката на нејзиното население, и се разбира, тука е и втората причина, Кина веќе одамна е само номинална комунистичка држава, нејзиниот политички систем е далеку од комунистичкиот систем.

Во секој случај, неминовен факт е дека Кина го злоупотребува своето влијание во односите со африканските држави, но од таа гледна точка, кинезите не прават ништо ново, барем не нешто што западно-европските држави и САД не го прават веќе со децении. Сепак останува прашањето, дали константното инвестирање и зголемувањето на кинеско-африканските економски односи, нема и некоја поголема позадина, а тоа е некое идно економско соочување помеѓу Кина и САД за ресурсите и потенцијалите на африканскиот континент, како две најмоќни економски сили во моментов.

Но, без разлика на тоа дали има или нема некоја поголема позадина врз, се поголемите економски односи, фактите остануваат да бидат тие, а тоа е дека Кина барем во моментов е во сосема поволна позиција во блиска иднина да ја надмине економијата на САД, дали тоа ќе биде направено со помош на ресурсите од африканскиот континент, останува да видиме. Од друга страна пак, времето ќе покаже, колку кинеските инвестиции на овој континент, ќе придонесат и дали ќе придонесат за подобар живот кај населението кое веќе со столетија ги губи своите потенцијали и ресурси на сметка на светските сили.

Автор: М-р Јован Ѓорговски

–ПРАВДИКО–

Препорачуваме

Партнери на Правдико