Во Британија расправа за петицијата за втор референдум
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Британскиот парламент вчера требаше јавно да расправа за петицијата за распишување втор референдум за членство на земјата во ЕУ, откако мнозинството гласачи на првото изјаснување на 23 јуни одлучија да се збогуваат со Унијата.
Британската влада на Тереза Меј веќе ја отфрли можноста за втор референдум за ЕУ и нагласи оти „брегзит значи брегзит“, но пратениците имаат обврска да расправаат за секоја петиција што има собрано над 100.000 потписи, а за оваа петиција има повеќе од четири милиони потписи. Со петицијата се бара да се одржи нов референдум зашто ниту една опција не добила над 60 отсто од гласовите, а одѕивот бил под 75 отсто. Петицијата е поднесена уште во мај од Оливер Хили, кој во меѓувреме рече оти повеќе не ја поддржува зашто била „грабната“ од оние што се залагаат за останување на Британија во ЕУ.
Тој вели оти ја поднел петицијата зашто сметал дека Британија може да реши да остане во ЕУ со тесен резултат разлика и со мал одѕив. На референдумот, сепак победи опцијата за брегзит со 51,9 отсто наспроти 48,1 отсто гласови, а гласачкиот одѕив ги надмина очекувањата и беше 72 отсто, наведува Би-би-си.
Расправата не може да го смени исходот од референдумот бидејќи правилата за негово одржување веќе беа договорени во парламентот и не можат ретроактивно да се менуваат, но таа може да ги охрабри оние што се незадоволни од резултатот во иднина да бараат нови аргументи за ново изјаснување за членството во ЕУ.
Извор: Нова Македонија