Во Гази Баба отворена канцеларија за подиректна соработка меѓу граѓаните и полицијата
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Министерот Оливер Спасовски на денешното отворање на Канцеларијата за превенција во рамки на Полициската станица Гази Баба рече дека тоа е уште еден доказ за практичното спроведување на принципите на тесна полициска соработка со граѓаните.
Спасовски потенцира дека кога минатата година новото раководство на МВР јасно ги дефинирало приоритетите за реформа и развој на македонската полиција, меѓу нив било и реалното воспоставување на концептот на работа на полицијата како вистински сервис на граѓаните.
„Сега граѓаните од овој дел на главниот град, преку Канцеларијата за превенција, ќе имаат можност подиректно и поефикасно да комуницираат со полициските служби, да бидат подетално информирани, но и едуцирани за разните аспекти, не само од доменот на полициското работење туку и од аспект на зголемување на степенот на личната сигурност и сигурноста на нивните материјални добра. Независно дали станува збор за заштита од тешки кражби, малолетничка деликвенција, сообраќајна безбедност или која е и да е друга проблематика. Полицијата е максимално отворена и кооперативна за сè она што ги мачи граѓаните, да излезе во пресрет на сите нивни барања во надлежност на полицијата, воспоставувајќи така партнерство коешто во основа има само една цел: подобар, сигурен, безбеден и квалитетен живот на локалната заедница“, посочи Спасовски во своето обраќање.
Министерот воедно им се заблагодари на локалните власти од општина Гази Баба за соработката околу отварањето на оваа канцеларија, како и на мисијата на ОБСЕ за заедничките напори во целосна имплементација на концептот на „соработка на полицијата во заедницата“.
Извор: Макфакс