Во Грција има повеќе од 25.000 бегалци | Правдико

Правдико

   

Во Грција има повеќе од 25.000 бегалци

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, испрати порака до Грција и до сите засегнати страни дека имаат уште седум дена да најдат решение за бегалската криза. Во спротивно, смета тој, Европската Унија ќе мора да почне да применува итни планови за вонредна состојба.

atina-begalci

Во изјава за весникот „Катимерини“, Аврамопулос истакнува дека сите мора да преземат одговорност и да престанат да ја префрлаат топката од еден на друг.

– Ако сите во следните седум дена не преземат дел од одговорноста што им следува, тогаш ќе имплементираме планови за итна состојба. Нема поента да продолжиме да ја префрламе вината едни на други. Треба да направиме сè што се може за да ја контролираме ситуацијата, да го намалиме бранот, да спречиме неконтролиран премин на бегалците кон север, да им обезбедиме привремено засолниште и да почне да функционира релокацијата, односно враќањето кон земјите од кои се дојдени – вели Аврамопулос за весникот.

Во Грција и понатаму се зголемува бројот на бегалци што се заглавени во земјата и во неизвесност чекаат дали ќе може да преминат преку Балканот кон Германија или, пак, нивниот сон за подобар живот ќе застане на преминот кај Идомени.

Во Македонија се пропуштаат малкумина поради ограничувањата за пропуштање мигранти кон Австрија. Оценките се дека во Грција во моментов има повеќе од 25.000 бегалци. Бегалците од Ирак, Сирија и од Авганистан се распоредуваат низ мигрантските центри и во привремените засолништа низ целата земја.

Секое место бргу се исполнува и владата е во постојана потрага по простори што може да се искористат како топло место каде привремено би се сместиле бегалците.

Според грчките медиуми, на островите Лезбос, Хиос, Самос, Лерос, Кос, Родос и Кастелоризо има околу 5.397 лица, во Кавала чекаат 1.529 бегалци, низ трите прифатни центри кај Атина и во Пиреја има 8.430 луѓе, во делот кај преминот Темпи кај Лариса, Ламиа и Кожани има околу 3.349 лица, во центарот во Солун се околу 2.000 луѓе, додека, пак, кај Идомени се повеќе од 7.000 бегалци. Информациите во Грција се дека ноќеска од Идомени кон Македонија биле пропуштени 300 бегалци од Сирија и од Ирак.

Извор: Мета

Препорачуваме

Партнери на Правдико