Во кои случаи граѓаните се ослободуваат од судска такса
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Плаќањето на судските такси, за дејствија пред судовите во Република Македонија и Таксената тарифа се уредени во Законот за судски такси. Таксите пропишани со овој закон е должно да ги плати лицето по чиј предлог се поведува постапката или во чиј интерес се преземаат дејствијата во постапката претставуваат приход на Буџетот на Република Македонија.
Најпрво од плаќање на такса се ослободени Република Македонија, државните органи, Организацијата на Црвениот крст, како и странски држави, странски државјани и меѓународни организации, ако тоа е предвидено со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Македонија или под услов на реципроцитет. Во случај на сомнение за постоење на реципроцитет, мислење дава Министерството за правда.
Согласно Законот за судски такси ослободени од плаќање на такса се :
- поранешните вработени за пријавување на побарување од работен однос кај стечајниот должник во стечајна постапка согласно со Законот за стечај,
- граѓаните во постапка за одлучување по барање за ослободување од трошоци на постапката,
- граѓаните во управни спорови од областа на социјалното осигурување, социјалната помош, старателството и посвојувањето и денационализација и
- граѓаните во постапка за извршување на барање за доверување на дете на чување и воспитание.
Старателот на отсутно лице чие престојувалиште е непознато, старателот на имотот чиј сопственик е непознат, како и привремениот застапник на странката поставен од судот во постапката што се води пред судот, не плаќа такса за лицето кое го застапува. Таксите во вакви случаеви сее наплатуваат од имотот на лицето кое е застапувано.
Исто така судот ќе ја ослободи од плаќање такса странката ако со плаќањето на таксата значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката или членовите на нејзиното семејство. Судот може на странката да и го одложи плаќањето на таксата се до донесувањето на одлуката или да и дозволи плаќање на таксата на рати. Решението за ослободување од плаќање такса, за одлагање на плаќање на такса или за плаќање на рати ја донесува судот по предлог на странката во рок од пет дена од денот на поднесениот предлог во судот.
Кон предлогот странката приложува доказ издаден од надлежен орган за имотната состојба која се утврдува врз основа на податоците за приходи по сите основи на тоа лице, како и на членовите на неговото домаќинство со кои живее, и изјава за неговата материјално-социјална состојба за период од шест месеца пред доставувањето на предлогот. Решението за ослободување од плаќање на такса се донесува посебно за секоја таксена обврска
Ако странката која е ослободена од плаќање на такса, успее во постапката, таксите што е должна да ги плати, ги плаќа странката која не е ослободена и тоа во сразмер во кој ослободената странка успеала во постапката. Ако меѓу странката ослободена од плаќање на такса и странката која не е ослободена постапката заврши со склучување на судско порамнување, странката која не е ослободена плаќа 50% од износот на таксата за порамнување.
–ПРАВДИКО–