Во кои случаи може да се бара одземање на деловната способност
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Полнолетството се стекнува со наполнување 18 години од животот, кога полнолетното лице се здобива со деловна способност(општа) . Според законот лицето кое се стекнало со деловна способност, е способно со свои изјави на волја да стекнува права и обврски во правниот промет, како и самостојно да бара остварување и штитење на своите права и интереси.
Постојат случаи, во кои лицето кое по закон се стекнало со деловна способност, поради неговата душевна состојба, слабоумност, употреба на алкохол, дроги или други психотропни средства, неможе да ги сфати дејствијата кои ги презема како и последиците од нив. Кога некое лице е под ваква состојба, тоа е опасно за самото себеси, но и за другите учесници во правниот промет.
Во Законот за вонпарнична постапка, е пропишана постапката за одземањена делованата способност како и условите за враќање на истата.
Постапка
Во постапката за одземање на деловната способност судот одлучува за делумно или целосно одземање на деловната способност на лице кое, поради душевно заболување, слабоумност, употреба на алкохол или други нервни отрови, наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, не е во состојба да се грижи за себеси и за заштита на своите права и интереси. Кога ќе престанат причините поради кои на лицето му е одземена деловната способност, судот одлучува за делумно или целосно враќање на деловната способност на тоа лице.
За одземање на деловна способност на лице државјанин на Република Македонија, надлежен е судот на чиешто подрачје лицето име живеалиште, односно престојувалиште.
Постапката за целосно или делумно одземање на деловна способност судот поведува по службена должност или по предлог од брачниот другар, дете, внук, родител, дедо, баба, брат, сестра и секој друг кој со тоа лице живее во трајна заедница, како и по предлог од надлежниот центар за социјална работа.
Во предлогот се наведуваат фактите од кои произлегува дека постојат услови за одземање на деловната способност на лицето и доказите со кои се потврдуваат тие факти.
Постапката е итна. За поведување на постапката се известува и центарот за социјална работа, ако постапката не е поведена по негов предлог. Во итни и оправдани случаи судот може во текот на постапката на лицето спрема кое се води постапката да му назначи привремен застапник.
Ако лицето спрема кое е поведена постапка за одземање на деловна способност има недвижен имот, тоа се прибележува (се става прибелешка) во јавните книги во кои се запишуваат правата врз недвижностите.Судот без одлагање (веднаш) ќе го извести органот што ги води јавните книги за евиденција на недвижностите за да стави прибелешка дека е поведена постапката.
На рочиштето се повикуваат предлагачот и привремениот застапник, односно старателот.Судот ќе го испита лицето спрема кое се води постапка за одземање на деловна способност за сите факти суштествени за донесување на решение, ако тоа е можно и ако не влијае штетно врз неговото здравје. Исто така судот е должен да ги сослуша и лицата кои можат да дадат податоци за животот и поведението на лицето спрема кое се води постапката, а по потреба за тие факти може да прибави податоци и од органот или организацијата која располага со нив.
Судот е должен да определи лицето спрема кое е поведена постапката за одземање на деловна способност да биде прегледано од најмалку двајца лекари, од кои еден од нив мора да биде специјалист за нервни и душевни болести. Прегледот се врши во присуство на судијата, освен кога прегледот се врши во стационарна здравствена установа. Прегледот извршен без присуство на судија претставува суштествена повреда на одредбите на Законот за вонпарничната постапка.
Судот може да нареди лицето спрема кое е поведена постапката за одземање на деловна способност, навремено, но најдолго до три месеца, да биде задржано во јавна здравствена установа за душевни болести, ако тоа е неопходно за утврдување на неговата душевна состојба, освен во случаите кога поради таквото задржување би настанале штетни последици по неговото здравје.
По спроведувањето на постапката, судот одлучува дали на лицето спрема кое се води постапката ќе му ја одземе целосно или делумно деловната способност. Лицето на кое делумно му е одземена деловната способност се изедначува со малолетно лице кое има наполнето 15 години живот.
По престанокот на причините поради кои на лицето му е одземена деловната способност судот ќе донесе решение со кое ќе му ја врати деловната способност целосно или делумно.
Одлагање на постапката
Судот може да го одложи донесувањето на решението за делумно одземање на деловната способност поради употреба на алкохол или на други нервни отрови, наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ако со основ може да се очекува дека лицето, спрема кое е поведена постапка за одземање на деловната способност, ќе се воздржи од употреба на алкохол или од други нервни отрови, наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, особено ако лицето се подложило на лекување во соодветна здравствена организација.
Во текот на постапката судот може да му укаже на лицето спрема кое е поведена постапката на можноста да го одложи донесувањето на решението за одземање на деловна способност, ако тоа лице доброволно се подлежи на лекување во соодветна јавна здравствена установа. Судот може да го одложи донесувањето на решението за одземање на деловна способност за време од шест до 12 месеца, а решението ќе го отповика ако лицето го прекине лекувањето или на друг начин го спречи лекувањето, како и ако е отпуштено од здравствената организација поради нарушување на редот.
Ако по донесувањето на решението за целосно одземање на деловната способност се утврди дека состојбата на лицето на кое се однесува решението е поправена толку, што е доволно и делумно способно, судот може да го измени решението и да определи делумно одземање на деловната способност.
Трошоците на постапката за одземање на деловната способност паѓаат на товар на лицето на кое му е одземена деловната способност. Ако постапката е водена по предлог од овластено лице, а предлогот е одбиен, трошоците паѓаат на товар на предлагачот.
–ПРАВДИКО–