Во кои случаи полицијата може да врши легитимирање на граѓани | Правдико

Правдико

   

Во кои случаи полицијата може да врши легитимирање на граѓани

© Copyright 2020 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

licna-kartaОсновна функција на Полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството.

Согласно Законот за полиција, полициските службеници имаат точно определни овластувања кои треба да ги извршува согласно законите и Уставот на Република Македонија.

Полицискиот службеник е должен да носи униформа во извршувањето на работите на одржување на јавниот ред и мир, регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата, обезбедување на државната граница и контрола на преминувањето на државната граница и во извршувањето на други полициски работи утврдени со закон. Исто така полицискиот службеник може работите  да ги врши и во цивилна облека кога тоа ќе го нареди непосредниот раководен полициски службеник.

befunky84546.jpg-630x421При примена на полициските овластувања, полицискиот службеник во униформа  е должен да се легитимира, истото важи и за полициските службеници во цивилна облека, за кои е задолжително пред примена на своите овластувања најнапред да се легитимира.

По исклучок , полицискиот службеник нема да се легитимира ако реалните околности за примена на полициските овластувања укажуваат дека би можело да се загрози постигнувањето на нивната цел. Полицискиот службеник својот статус ќе го најави со зборовите “полиција”.

Едно од овластувањата на полициските службеници е проверка и утврдување на идентитет на лица.

Проверката на идентитетот на лице ќе се примени кон лицето:

1) кое треба да се лиши од слобода, приведе, задржи, упати или предаде на надлежен државен орган или установа;
2) од кое се заканува опасност за чие спречување е неопходно полициско постапување;
3) над кое се извршува преглед или претрес или се преземаат други со закон утврдени мерки и активности;
4) кое е затечено во туѓ дом, објект и други простории или во превозни средства над кои се извршува преглед или претрес, ако проверката на идентитетот е потребна;
5) кое е затечено на простор или објект на кој е привремено ограничена слободата на движење и задржување, ако проверката е неопходно потребна;
6) кое пријавува извршено кривично дело или прекршок или сторителите на тиедела, односно соопштува информации од интерес на работата на Полицијата, освен ако лицето кое го приј авува кривичното дело или прекршокот не сака да се идентификува;
7) кое со своето однесување предизвикува сомневање дека е сторител на кривичноделоили прекршок или дека има намера да стори такви дела или кое одговара на описот на лице по кое се трага;
8) кое ќе се затекне на местото на извршено кривично дело или прекршок;
9) кое се наоѓа на место на кое заради безбедносни причини е потребно да се утврди идентитетот на сите лица или на поголемиот број лица;
10) на оправдано барање на службено лице од државен орган, правно или физичко лице и во други случаи утврдени со закон
11) при влез во објекти кои ги обезбедуваат полициски службеници.

Оправдано барање од точка 10 на овој член е барањето од кое е очигледно дека на службеното лице податоците му се неопходни за законско постапување или кога на физичкото лице му е повредено некое право. Полицискиот службеник е должен да го запознае лицето за причините за проверката на неговиот идентитет.

Проверката на идентитетот, полицискиот службеник ја врши со легитимирање на лицето преку непосреден увид во неговата лична карта, патна исправа, возачка дозвола или друга јавна исправа со негова фотографија, за што изготвува службена белешка. По исклучок  идентитетот може да биде потврден врз основа на исказ од лице чиј идентитет е проверен или познат на полицискиот службеник.

Полицискиот службеник може да ги задржи документите за утврдување на идентитет на лицето само за време потребно за утврдување на идентитетот, а потоа веднаш му ги враќа на лицето.Ако лицето одбива или не е во можност да даде податоци за себе или да го докаже идентитетот, може да биде задржано за време потребно за утврдување на идентитетот, но не подолго од три часа. На лицето кое е задржано,  му се овозможува идентитетот да го докаже на кој било начин.

Глоба во висина од 30 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице кое не ја носи со себе личната карта или ќе одбие да ја покаже личната карта на барање на службеното лице кое со закон е овластено да легитимира.

–ПРАВДИКО–

Партнери на Правдико