Во кои случаи судот изрекува судска опомена | Правдико

Правдико

   

Во кои случаи судот изрекува судска опомена

© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.

v293028p0-610x330Судската опомена е дел од алтернативните мерки во Кривичниот законик на РМ, која се изрекува за кривични дела од полесна природа. Се работи за алтернативна мерка која се изрекува кога оправдано може да се очекува дека целта на казнувањето ќе биде остварена и без изречување на казната.

Според македонскиот Кривичен законик судска опомена може да се изрече за кривични дела за кои е пропишан затвор до една година или парична казна, а се сторени под такви олеснувачки околности кои ги прават особено лесни. Ова се однесува најповеќе на сторители кои што за прв пат дошле во судир со кривичниот законик, кои на еден начин се “случајни” деликвенти. Се работи за мерка со претежно воспитна педагошка смисла и дејство. За определени кривични дела и под услови предвидени со закон, судска опомена може да се изрече и кога е пропишан затвор до три години.

При одлучувањето дали ќе изрече судска опомена судот, водејќи сметка за целта на судската опомена, посебно ќе ги земе предвид личноста на сторителот, неговиот поранешен живот, неговото однесување по извршеното кривично дело, степенот на кривичната одговорност и другите околности под кои е сторено делото. Сепак водејќи се од претходнонаведените услови, се спречува судската опомена да биде изрекувана шаблонски за секое полесно кривично дело без избор на соодветна личност. Во таков случај таа би изгубила секаква сериозност како кривично правна мерка.

Целта на оваа мерка спрема кривично одговорниот сторител е да не се примени казна за полесни дела кога тоа не е нужно заради кривично-правна заштита и кога може да се очекува дека целта на казнувањето може да се оствари со предупредување -судска опомена.

Во Кривичната постапка судската опомена се изрекува со решение. Решението за судска опомена се објавува веднаш по завршувањето на главната расправа со суштествените причини. Во тој случај претседателот на советот ќе го предупреди обвинетиот дека за кривичното дело што го сторил не му се изрекува казна, зашто се очекува дека и судската опомена врз него доволно ќе влијае повеќе да не врши кривични дела. Ако решението за судска опомена се објавува во отсуство на обвинетиот, судот ваквото предупредување ќе го внесе во образложението на решението.

Во изреката на решението за судска опомена, покрај личните податоци за обвинетиот, ќе се наведе само дека на обвинетиот му се изрекува судска опомена за делото што е предмет на обвинението и законскиот назив на кривичното дело.

–ПРАВДИКО–

 

Препорачуваме

Партнери на Правдико