Во кои случаи судот може да нареди следење на комуникациите?
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите, освен ако му се наменети или постои согласност на лицето или лицата кои се вклучени во комуникацијата.
Следење на комуникациите се остварува под услови определени со Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка, и тоа на начин и постапка со која не се загрозуваат човековите слободи и права.Следење на комуникациите може да трае само одредено време, што е потребно за собирање на податоци заради остварување на целите на следењето.
*комуникација – секоја непосредна конверзација и секој пренос на човечки глас, на знаци, сигнали, пишуван текст, слики, звуци, бази на податоци или информации од каква било природа;
*следење на комуникациите – тајно дознавање на содржината на која и да е комуникација меѓу луѓето и истовремено создавање технички запис за содржината на комуникацијата, со можност да се репродуцира;
Судот може да нареди следење на комуникациите кога постојат основи на сомневање дека се подготвува, во тек е извршување или е сторено кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку четири години, како и за кривични дела за кои постојат основи на сомневање дека се подготвуваат, во тек е извршување или е сторено кривично дело од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение, заради обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се обезбедат или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии.
Заради обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, кои на друг начин не можат да се обезбедат или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии, судот може да нареди следење на комуникациите и за кривичните дела од Кривичниот законик:
– неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори ,
– изнуда,
– уцена,
– перење пари и други приноси од казниво дело,
– криумчирање,
– царинска измама,
– злоупотреба на службената положба и овластување,
– проневера во службата,
– измама во службата,
– послужување во службата,
– примање поткуп,
– давање поткуп од членот,
– противзаконито посредување,
– незаконито влијание врз сведоци,
– злосторничко здружување,
– терористичка организација,
– тероризам,
– кривични дела против државата и
– кривични дела против човечноста и меѓународното право,
како и за кривични дела сторени преку средствата за електронска комуникација.
Мерката за следење на комуникациите, по образложено барање на јавниот обвинител ја определува судијата на претходната постапка со писмена наредба. Оваа мерка ја спроведува јавниот обвинител или правосудната полиција под контрола на јавниот обвинител. Во текот на извршување на мерката правосудната полиција изготвува извештај кој го доставува до јавниот обвинител по негово барање
Сите добиени Податоци, известувања, документи и предмети прибавени со примена на на оваа мерка, под услови и на начин утврдени со Законот за кривична постапка, може да се користат како доказ во кривичната постапка
Мерката за следење на комуникациите може да трае најдолго четири месеци. Продолжување на мерката најдолго за уште четири месеци може да одобри судијата на претходната постапка, а по образложено писмено барање на јавниот обвинител.
Кога ќе се постигнат целите заради кои се определени посебните истражни мерки или ќе престанат да постојат основите заради кои се одобрени, органот што ја издал или продолжил наредбата е должен веднаш да нареди запирање на мерките. Ако јавниот обвинител се откаже од кривично гонење или ако собраните податоци со посебните истражни мерки немаат значење за водење на постапката, ќе се уништат под надзор на судијата, а за тоа јавниот обвинител ќе изготви записник.
По прекинување на посебните истражни мерки, ако тоа не штети на постапката, по барање на засегнатото лице, јавниот обвинител ќе му ја достави писмената наредба.
Лице кое на кој и да било начин дознае податоци што се однесуваат или произлегуваат од примената на посебните истражни мерки е должно да ги чува како службена тајна.
Ако во рок од 15 месеци по завршување на спроведување на мерката не се поведе кривична постапка, сите собрани лични податоци се бришат или уништуваат под надзор на судијата на претходна постапка, јавниот обвинител и претставникот на Дирекција за заштита на личните податоци за што јавниот обвинител ќе состави записник.
Мерката смее да се насочи само спрема осомничениот и да се спроведе само во домот на осомничениот. Мерката е дозволена и во дом на други лица само врз основано сомневање дека таму престојува осомничениот. Снимањето ќе се прекине ако за време на снимањето постојат показатели дека ќе се пресретнат искази што спаѓаат во основната сфера на приватниот и семејниот живот. Документацијата за таквите искази треба веднаш да се уништи.
Ако податоците собрани со следење на комуникациите, до донесување на решение за спроведување на истрага или податоците што се уништени се објават во јавноста, граѓанинот кој поради тоа претрпел штета има право на судска заштита и надомест на штета.
Лицето чија комуникација е следена има право да ја оспорува автентичноста на собраните податоци и законитоста на постапката за следење на неговите комуникации, во постапка утврдена со Законот за кривичната постапка на Република Македонија.
Според Кривичниот законик тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со парична казна или со затвор до една годинаа, a доколку неовластеното прислушкување и тонско снимање го извршило службено лице тогаш е предвидена казна затвор од 3 месеци до 3 години. Ќе се казни и тој што ке му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана.
–ПРАВДИКО–
Поврзани статии:
–Шпионажа – нејзините облици и санкции
– Кои санкции се предвидени за неовластено снимање
– Улогата на мобилните оператори при следење на комуникациите