Во Македонија сѐ уште владеат селективната правда и партизирањето на администрацијата, тврди Народниот правобранител
© Copyright 2022 pravdiko.mk Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без претходна согласност од редакцијата на ПРАВДИКО.Народниот правобранител, Иџет Мемети, денеска го презентираше годишниот извештај за степенот на почитување, унапредување и заштита на човековите права и слободи во кој констатираше дека сѐ уште се присутни селективната правда и партизираната јавна администрација на централно и локално ниво.
– Ова е сериозна пречка во остварувањето на правата на граѓаните, лошиот систем на извршување особено го погодува најсиромашниот слој граѓани. Социјалната заштита останува систем со кој не се надминува социјалниот ризик на граѓаните, вели Мемети.
Според него, голем проблем е и појавата на дискриминација по сите основи, неефикасното судство и обвинителство кои поттикнуваат недоверба кај граѓаните. Минатата година Народниот правобранител почнал 4.185 претставки од кои во 1137 случаи се констатирани повреди на човековите права и слободи. Од овие 1137 случаи, прифатени се 970 интервенции на омбудсманот. Споредбено со 2016 година кога во 1523 случаи се констатирани повреди на човековите права, оваа стапка е намалена за 5.9 отсто помалку во однос на 2017 година.
-Правната регулатива за јавната администрација, како и партизираната и непрофесионална структура создаваат сериозни проблеми на граѓаните. Утврдени се одредби кои не се применливи и услови кои ни оддалеку не гарантираат стручна, квалитетна и неполитизирана администрација, вели Мемети.
Тој смета дека партиските вработувања во администрацијата на локално ниво и натаму се присутни и особено се видливи во непродолжувањето на договорите на определено работно време во образовниот процес.
-Ваквата појава особено е карактеристична по изборниот процес, што наведува на заклучок за наградување на партиски лојалните и класична злоупотреба на трудот на претходно ангажираните лица, рече Мемети по што го повика министерот за информатичко општество итно да пристапи кон порадикални промени во овој систем со што ќе обезбеди стручна и ефикасна администрација ослободена од партиски влијанија.
Омбудсманот упати забелешки и кон полицијата, Јавното обвинителство и правосудството во Република Македонија за кои смета дека не ги извршувале работите на потребното ниво со што биле повредени човековите права во голем број од случаите.
-Полицијата непрофесионално постапува применувајќи двојни аршини во работата со што се потврдија укажувањата за длабока партизираност на овој орган, што е за секаква осуда. Јавното обвинителство не покажа сериозна намера за откривање и соодветно казнување на сторителите на кривични дела. Препорачувам Обвинителството објективно да постапува согласно со надлежностите и да не дејствува селективно, изјави Мемети.
Народниот правобранител исто така констатираше дека правосудството е област во која граѓаните најмногу се жалат на неефикасното решавање на предметите и времетрањето на ниво комплетирање.
-Управното судство остана немоќно пред органите на управата, без можност да обезбеди извршување на своите одлуки од органите на државната управа, кои наместо да постапат согласно со правните ставови во судските одлуки и дадените укажувања, носеа исти одлуки како претходно поништените, рече Мемети, кој препорача да се направат измени во Законот за управните спорови и воведување императивни одредби за задолжително одржување јавни расправи.
Мемети информираше и дека работата на Народниот правобранител била попречувана во имплементацијата на новата надлежност да дејствува како „пријател на судот“ што подразбира овластување да учествува во сите фази од постапката со право да дава предлози и мислења кои судот треба да ги земе предвид.
-Во некои случаи каде што побаравме вклучување во постапките, не ни беше дозволено со образложение дека Народниот правобранител на рочиштата може да присуствува само како јавност и дека ваквото дејствување не е пропишано во процесните закони, вели Мемети.
Виктор Јованов
Извор: Макфакс